Граѓани се жалат дека ја добиле највисоката сметка за струја во животот, од ЕВН смируваат – никој нема да биде оштетен

Секојдневно имаме голем број јавувања од граѓани и постапуваме по нив, информираат за весникот ВЕЧЕР од Регулаторната комисија за енергетика. Од ЕВН велат дека никогаш нема да наплатат од корисниците повеќе од тоа што потрошиле и информираат дека откако ќе се изврши отчитувањето сметките ќе бидат порамнети, а, исто така, и самите корисници може да побараат корекција ако забележат разлика во состојбите

1896

Како што пристигнуваат сметките за струја според реоните за отчитување, така се зголемува нервозата кај граѓаните поради високите суми испишани на нив. Поради пандемијата и вонредната состојба ЕВН не ги читаше броилата во март и април и на домаќинствата им испорача претпоставени сметки. За тие сметки граѓани по социјалните мрежи пишуваат дека се најмалку двојно повисоки од вообичаените, постираат слики на фактури со суми над 10.000 денари, коментираат дека ја добиле највисоката сметка за струја во својот живот…

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, уште кога минатиот месец граѓаните прв пат се пожалија на високите сметки советуваше да побараат корекција од ЕВН, а потоа, ако не се задоволни да се обратат кај нив. Сега велат дека имаат многу поплаки од граѓани.

-Секојдневно имаме голем број јавувања од граѓани и постапуваме по нив, информираат за весникот ВЕЧЕР од РКЕ.

Од ЕВН, пак, смируваат и велат дека ниеден корисник нема да биде оштетен, односно дека компанијата никогаш нема да наплати од корисниците повеќе од тоа што имаат реално потрошено.

-Нема потреба од нервоза и вознемиреност околу сметките за потрошена електрична енергија. Ова не е генерална состојба туку поединечни случаи кои добиле или повисоки сметки од вообичаените или пониски. Уште на почетокот на вонредните мерки за справување со коронавирусот, ЕВН најави дека нема да има исклучување од дистрибутивната мрежа на должниците од категоријата домаќинства и ЕВН нема да реализира отчитувања на броилата во месеците март и април поради што корисниците ќе добијат за овие месеци сметки со претпоставена потрошувачка. Откако ќе се изврши отчитувањето сметките ќе бидат порамнети или корисникот може да побара корекција на сметката ако забележи разлика во состојбите, информираат од ЕВН.

Додаваат дека ако се наплатени повеќе киловат-часови следната сметка ќе биде пониска и обратно, ако има помалку киловат-часови во претпоставената сметка по отчитувањето наредната ќе биде повисока.

-На корисниците им останува и можноста во периодот додека не им е изготвена нова сметка да побараат корекција со пријавување на состојбата на потрошена електрична енергија и во ниска и во висока тарифа. Тоа се прави со јавување во Центарот за односи со корисниците, со испраќање на состојбите по електронска пошта или со посета на соодветните отворени канцеларии на ЕВН низ земјава. По пријавување ќе биде изготвена нова сметка со новите пријавени состојби. Сакам да нагласам дека ниеден корисник нема да биде оштетен, ЕВН никогаш нема да наплати од корисниците повеќе од тоа што корисниците го имаат потрошено, вели Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.

Од компанијата уште еднаш потсетуваат дека за сите корисници во март и април се изготвени фактури со проценета состојба зашто броилата не се читани поради препораките на здравствените власти. Исто така, во време на пандемија не е препорачливо отчитување на околу 200.000 броила кои се внатре во домовите на граѓаните. Сите тие добиле сметки со претпоставена потрошувачка, односно сметки слични како во летниот период, со просек од потрошувачката во последните 12 месеци. Но, информираат дека по завршување на вонредните мерки, со следното отчитување ќе се израмнат евентуалните отстапувања направени при проценка на потрошувачката. Исклучок од ова се корисниците кои имаат броила со двонасочна врска, односно оние чија потрошувачка постојано се мониторира.

-Многу е важно да се нагласи дека со почетокот на мај, броилата кои се достапни се отчитани и тие сметки се порамнети. Мора да потсетиме дека потрошувачката на електрична енергија за време на вонредните мерки не беше зголемена. Се движеше во вообичаените рамки за овој период од годината. Некои компании го намалија своето производство или воопшто не работеа како кафулињата, рестораните и слично, со што потрошувачката кај нив се намали, но кај домаќинствата потрошувачката се зголеми, некаде и двојно. Граѓаните подолг период седеа во своите домови и нормално се зголеми потрошувачката во текот на целиот ден, а посебно во периодот од 14 до 16 и од 22 до 07 часот. Според ова корисниците за овие месеци имаат и двојно повеќе потрошено во споредба со истите месеци во минатата година и затоа кај повеќе од нив сметките се повисоки, појаснува Ковачевски.

Инаку, за надминување на ситуациите кога броилата на корисниците од која било причина не се отчитани, ЕВН креираше нова онлајн услуга „Пријави состојба“.

(С.В.)