Градските фонтани и чешми ќе протечат на почеток на април

94

Градските фонтани и јавните чешми за пиење вода ќе профункционираат целосно од почетокот на април, а ЈП Водовод и канализација се подготвува за нивно  пролетното стартување. Тргната е церадата со која зимово беше покриена фонтаната „Воин на коњ“, а се прават подготовки и на фонтаните: „Џампинг џет“ на плоштад „Македонија“, „Филип“, „Олимпија“, „Коњи“ и „Лавови“ на плоштадот „Kарпошево востание“ (преку Камениот мост), фонтаните „Мост око“ на истоимениот мост, „Паднати борци“ во паркот Жена-Борец, „Св. Богородица“, „Св. Петар и Павле“ и „Св. Никола“, на платото пред црквата „Св. Богородица“, како и фонтана „ВМРО“ на плоштадот „ВМРО“

– Овие фонтани се подготвуваат за пролетното стартување и зависно од потребните активности за нивно функционирање, ќе почнат да работат на почетокот на април и сукцесивно ќе бидат пуштани во употреба – информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Фонтаната „Лотос“ во Градскиот парк работи од 15 март. Делумно се пуштени и чешмите за пиење вода низ градот што се под надлежност на претпријатието Водовод и канализација.

– Чешми за пиење вода има на територијата на сите општини. Дел од нив се во надлежност на локалната самоуправа, а дел од нив, околу двесте, се во надлежност на ЈП Водовод и канализација. И тие се делумно веќе пуштени во работа, а останатите ќе бидат сукцесивно активирани во текот на април – потенцираат од претпријатието.

(А.П.)