Хонгконг е најскап град во светот, а Скопје е најевтин град во регионот, процени консултантската фирма за човечки ресурси „Мерсер“.

При рангирањето земени се предвид голем број фактори, како трошоците за сместување, превоз, храна, облека, предмети за домаќинството и забава.

Азискиот град Хонгконг според овие параметри втора година по ред го зазема првото место. Инаку, Хонгконг е познат и по тоа што во него, според официјални податоци, живеат најмногу богаташи. Во градот лани имаа дом повеќе од 10.000 лица кои на своите сметки чуваат над 23 милиони фунти.

Од 10 најскапи градови во светот, седум се во Азија. На второ место е Токио, а зад него Сингапур.

Од европските градови најскап е швајцарски Цирих, кој е единствен од стариот континент рангиран во најскапата десетка.

Единствениот американски град меѓу десетте најскапи во светот е Њујорк.

На листата има  209 градови, а Скопје  е на 201. место и е најдолу од сите главни градови од регионот. Загреб е рангиран на 143., а Љубљана на 142. место и со тоа овие две метрополи се најскапи во Западен Балкан. Следни на списокот се Софија (177), Белград (181) и Сараево (194).

Листата на десетте најскапи градови во светот за оваа година ја сочинуваат Хонгконг во Кина, Токио во Јапонија, Сингапур, Сеул во Јужна Кореја, Цирих во  Швајцарија, Шангај во Кина, Ашхабад во Турмекистан, Пекинг во Кина, Њујорк во САД и Шенжен во Кина.