Градот и Владата си играат пинг-понг со приватните превозници

234

Барањата на приватните јавни превозници ќе бидат доставени пред Владата со цел да се изнајде решение со кое ќе им се помогне. Тоа е пораката на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, од завчерашната средба на претставници од ЈСП и  приватните превозници.

Тие на средбата, но и претходно побараа помош и од Градот и од Владата да дадат субвенции за да може да функционира јавниот градски превоз, во делот на вкупно 54 автобуси кои работат на гас, откако цената на метанот скокна од 50 на 110 денари.

Како што истакна Ленин Јовановски, директор на „Слобода превоз“ за весникот ВЕЧЕР, на средбата генерално било договорено во сите процеси и предлози за подобрување на состојбите во јавниот превоз и правната регулатива да биде вклучено едно тело во кое ќе партиципираат стручни и релевантни лица од оваа област, за да се дојде до што поквалитетни и попрактични решенија за тековните проблеми и предлози за идните проекции во јавниот превоз.

– Градоначалничката  ја искажа подготвеноста на Градот за помош, соработка и отворен пристап со превозниците за сите прашања кои ќе овозможат повисок квалитет на услугите и кои се во интерес на граѓаните – вели Јовановски.

Било договорено и доспеаниот долг од ЈСП кон приватните превозници кој е од минатата година да биде подмирен во наредниот период, но со одредена динамика.

Од Град Скопје велат дека централната власт ќе има слух за барањата на приватните превозници финансиски да им помогне во делот на цената на метанот кој е поскапен за 100 отсто.

„Слобода превоз“ и „Макекспрес“ сметаат дека една од можностите која може да биде реализирана во овој момент е да се обезбедат средства во вид на субвенционирање на возилата од јавниот превоз, трите денари по литар кои одат во буџетот како еколошка такса, а сето тоа да биде уредено на соодветен начин. Според нив, оваа мерка е изводлива и нема да станува збор за голем трошок на Владата, ако се земат во предвид возилата во јавниот превоз кои го користат метанот како погонско гориво.

Приватните превозници бараат и со закон да се обезбеди соодветно решение кое ќе ја заштити цената на овој енергенс како еколошки неопходен и стимулативен во постојниот и иден развој на дејностите од јавен интерес.

Претходно и директорот на ЈСП, Иван Илиевски, исто така на прес-конференција со медиумите побара помош од Владата и од Градот со дополнителни субвенции, но и интервенирање во законот за да може Регулаторната комисија да има контрола над цената на метанот, како и за останатите горива, во спротивно ќе бидат принудени да го редуцираат возниот ред.

Станува збор за 33 возила на ЈСП, како и 21 автобус на приватните превозници кои работат на метан.

Од Владата, пак на прашањето на весникот ВЕЧЕР дали и колку средства ќе одвои за да го помогне јавниот градски превоз одговорија дека според Законот за Град Скопје, уредувањето и организацијата на јавниот градски и приградски превоз на патници е под целосна и единствена надлежност на Град Скопје.

– Оттаму, сите барања од превозниците треба да се адресираат пред сè до градските власти во Скопје кои пак треба навремено и одговорно да понудат мерки за надминување на состојбата. Владата е отворена да ги сослуша сите аргументи и соодветно и во рамките на законските надлежности, како и според финансиските можности да постапува, но тоа не смее и нема да значи преземање туѓи надлежности, во случајов на Градот – нагласија од Владата.

(А.П.)