Градот да го изработи стратешкиот документ – Визија нула

404

Последната сообраќајна незгода што се случи на 20 јануари вечерта, на крстосницата на булеварот „Партизански одреди“ и улиците „Московска“ и „Љубљанска“, во која 24 годишна девојка го загуби животот, а нејзиното момче беше повредено поминувајќи на пешачки премин, повторно ја поттикна групата скопски велосипедисти-ентузијасти „На точак“ да го актуализираат прашањето и да го потсетат Градот да го изработи стратешкиот документ – Визија нула, за кој пред еден месец гласаше Советот.

Тие сметаат дека цело Скопје (освен булеварите) треба да стане Зона 30, а на булевар не смее да се вози повеќе од 50 километри на час, бидејќи возењето прилагодено на условите во населено место спасува животи, а брзината убива.

-Знаејќи го тој факт, ако некој свесно вози побрзо од дозволеното низ населено место, треба да одговара за убиство со умисла. Полицијата мора да се ангажира и да ги впрегне сите човечки и технолошки потенцијали да не постои еден некaзнет што надминал 50 километри на час – сметаат од „На точак“

Тие додаваат дека општините под итно треба да ги прогласат своите улици за Зона 30, РСБСП и автошколите да се фокусираат на најризичните групи на возачи, а обинителствата и судот да не ги третираат овие удари како несреќи.

Освен тоа, од „На точак“ нагласуваат дека Градот мора да ги дизајнира булеварите со потесни ленти (максимум 3 метри) и помали радиуси на свртување кои одговараат на брзини до 50 км на час, а не на брзини до 90 км на час, но може да употреби и мерки за смирување на сообраќајот соодветни за булевари.

-Ако при брзини од 30 километри на час, шансата за преживување е 90 проценти, при 50километри на час, шансата за преживување е 60 проценти, при 60 километри на час се намалува на 20 проценти а веќе за брзини над 70 километри на час, шансата за преживување на пешак е 0 проценти – заклучуваат од „На точак“.