Градоначалникот Јосиф Михаиловиќ е човекот што ги изгради Собранието, Народна банка, Музејот, Градска болница, Ибни Пајко, Јадран…

614

Мијак од Тресонче – од паланка во направи Скопје модерен град. Станува збор за градоначалничкиот мандат на Јосиф Михаиловиќ од 1929 до 1936 година, а потоа и од 1939 до 1941, кога се изградени највелелепните зданија во Скопје – зградата на Вардарска бановина (денешно Собрание), Железничка станица (денес Музеј на град Скопје), индустријата за тутун „Вардар“ (денес зградата Монопол), Народна банка, Завод за социјално осигурување (денес Градска болница) зградата Ибни Пајко, дом на семејството Диќиџијан (денес хотел „Јадран“), браната Матка, каптажата Рашче. Но, ова се само мал дел од зданијата кои овој визионер ги оставил на граѓаните на македонската метропола во наследство

Роден 1887 година во селото Тресонче, западна Македонија, во семејство на познатите градители, резбари и уметници Мијаци, Јосиф Михаиловиќ е човекот кој од паланка го претвори Скопје во модерен град. Во неговиот градоначалнички мандат се изградени највелелепните зданија во македонската метропола – зградата на Вардарска бановина (денешно Собрание), Железничка станица (денес Музеј на град Скопје), индустријата за тутун „Вардар“ (денес зградата Монопол), Народна банка, Завод за социјално осигурување (денес Градска болница), зградата Ибни Пајко, дом на семејството Диќиџијан (денес хотел „Јадран“), браната Матка, каптажата Рашче…

Ова се само мал дел од зданијата што овој визионер ги оставил во наследство на граѓаните на Скопје. Колку е големо неговото значење за создавање на модерно Скопје, зборуваат плоштадите, улиците и цели населби. Но, да тргнеме по ред.

Јосиф Михаиловиќ е едно од петте деца на таткото Михаило, познат мајстор и зограф и мајката Христина, внука на славниот Ѓурчин Кокале од Лазарополе. Првото образование го добил во Бигорски манастир, а основното училиште го завршил во селото Кучевиште во скопската околина. Добива државна стипендија за гимназија во Скопје и Солун, а продолжува како државен стипендист на Техничкиот факултет во Белград – насока архитектура. Специјализира во Рим, а во Ајова се стекнува со научна титула инженер архитект.

– Во 1926 заминува за Англија, а потоа и во Париз каде што ги дополнува своите знаења и усвојува модерни урбани тенденции – зелени градови што подоцна ги применува и во Скопје. На 27 јануари 1929 година и официјално започнува неговиот мандат како претседател на Градското собрание – ја започна приказната за овој голем архитект и визионер, историчарот Милош Стојковиќ, на трибината и изложбата која беше отворена во Музејот на град Скопје (во организација на Српскиот културно-информативен центар „Спона“), а која не само скопјани туку  и сите заинтересирани ќе можат да ја видат и наредните денови.

                                            Посветен на визијата

Откако Михаиловиќ е назначен веднаш започнува со активности за да создаде од Скопје град. И се разбира, првата работа која беше неопходна е урбанистичкиот план. Тој извршил авионско снимање и геодетски премер на градот и го изработил генералниот регулационен план на Скопје и тоа според идејниот проект на белградскиот архитект Димитрије Леко, школуван во Цирих и Минхен.

По усвојувањето на генералниот план во 1930, Михаиловиќ се посветува на својата визија. За време на својот мандат изградил голем број објекти, меѓу кои и зградата на Црвениот крст и јавната берза на трудот (денес зграда на Социјално), објекти на кои е и проектант. Ова само ја покажува неговата социјална нота и грижа за граѓаните.

Но, изградба на објекти битни за градот и пред се граѓаните не се единствениот негов придонес. За да го заштити Скопје од поплави од водите на Вардар, го изградил насипот во градскиот парк и направил регулација на река Серава која ги поплавувала населбите Чаир и Топаана. За време на мандатот на овој голем градител 280 километри од градските улици се поплочени со калдрма, направени се 20 нови крстосници, неколку тениски и два фудбалски терена под Кале, зелен пазар во центарот на градот, три плоштади, фабрика за конзерви и за текстил, студентски дом, детско одморалиште, неколку Домови, Лекарска комора која денес е дел од Клиничкиот центар…

Станува збор за импозантна бројка на градби што не застануваат тука. Интересно е и тоа што за време на неговиот мандат се изградени четири основни училишта, и женска гимназија. Како пример, во Скопје, во последните 30 години се изградени само две.

             И брана на Матка и каптажата на Рашче се негова иницијатива

Михаиловиќ го знаел и значењето на струјата за граѓаните на еден град, па она што беше исто така фасцинантно е неговата иницијатива за изградба на брана на реката Треска, локацијата Матка, заедно со хидроелектрана. Изградбата е започната во 1935 и завршена во предвидениот рок (1938).

– Меѓу другите, ќе ја спомнам и каптажата на врелото Рашче за квалитетно водоснабдување на жителите на градот Скопје. Михаиловиќ уште во триесеттите години на минатиот век, не сакајќи да го остави населението на користење на ризични и несигурни ресурси, како градоначалник го изградил зафатот на изворот Рашче и изворската вода ја сервирал до населението – вели геологот Сокол Клинчаров.

Архитектот Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ секогаш мислела дека градоначалник на еден град треба да биде роден во градот каде што ја извршува функцијата, од едноставна причина што секогаш ќе го чувствува како свој.

– Но Јосиф Михаиловиќ, син на градител, роден во село Тресонче, е исклучок кој го потврдува правилото. Она што сметам дека е многу важно за град кој се оформувал и од една турска касаба почнувал да добива урбан, градски лик, е дека тој е архитект и тоа не било каков. Тој е извонредно образован и мудар, што несомнено го прави широк човек и голем визионер – нагласува Раѓеновиќ-Јовановиќ.

По компликации предизвикани од операција на слепо црево, на 11 март 1941 во Скопје, Михаиловиќ умира од сепса. На денот на неговиот погреб повеќе од 10.000 скопјани излегле на улиците на градот да му одадат последна почит на својот омилен градоначалник.

 (Д.Т.) – фото: Ѕ.П.