Градењето куќи за социјално загрозени семејства со деца на телевизија

97

-Кога го започнавме проектот „Топол дом за сите“, немавме никаква идеја дека ќе го снимаме. Во текот на подготовките и барањето спонзори и донатори со големи срца, кои би се вклучиле и заеднички би изградиле среќа за многу деца, сфативме дека одѕивот на компаниите би бил многу поголем кога тие за возврат би добиле реклама за тоа. Си рековме, ако тоа значи дека на тој начин ќе изградиме многу поголем број домови, тогаш во ред, се сложуваме да снимаме емисија – вели Кристина Петровски Арнаудова, претседател на здружението „Проект среќа“

 

Проектот „Топол дом за сите“ на Здружението „Проект среќа“ прерасна во „Проект куќа“. Се работи за првата епизода на телевизискиот хуманитарен проект „Проект куќа“ кој беше започнат во декември 2019 година.

Како што објасни Кристина Петровски Арнаудова, претседател на здружението „Проект среќа“, во тој период за таа намена снимиле и новогодишна песна и отвориле донациски броеви, чија намена била да се донира за изградба на домови и песната што повеќе да се врти.

-За жал, медиумите немаа желба да ја пуштаат песната, па проектот беше неуспешен-потенцира Петровски Арнаудова.

Таа истакна дека идејата на проект „Топол дом за сите“ била да се реновираат или изградат одново домови каде живеат семејства со деца, во многу тешки услови и без основни услови за живот.

-Кога го започнавме проектот „Топол дом за сите“ немавме никаква идеја дека ќе го снимаме. Во текот на подготовките и барањето спонзори и донатори со големи срца, кои би се вклучиле, и заеднички би изградиле среќа за многу деца, сфативме дека одѕивот на компаниите би бил многу поголем кога тие за возврат би добиле реклама за тоа. Си рековме, ако тоа значи дека на тој начин ќе изградиме многу поголем број домови, тогаш во ред, се сложуваме да снимаме емисија. Со помош на пријатели, волонтери, добри луѓе, општествено одговорни компании, ја снимивме оваа прва пилот-емисија, односно првата куќа која ја направивме. Ја започнавме во февруари 2020, а ја завршивме на 12 март 2020-раскажува Петровски-Арнаудова.

Станува збор за куќа во Ѓорче Петров во која живеат Ајнур Симоновски, самохран татко на пет дечиња. Всушност тоа е првата куќа со која започна проектот „Топол дом за сите“.

-Како изгледаше домот пред и потоа, ќе можете да видите и самите-истакна Петровски Арнаудова.

Таа додаде дали ова емисија ќе продолжи да постои, зависи од тоа дали нашите телевизии ќе сакаат вакво нешто во својата програма.

Како што истакна таа, овој проект е ставен на пауза, бидејќи на денот кога е завршена куќата, Светската здравствена организација прогласи пандемија на ковид 19-коронавирус.

-Ние имаме желба и волја, и капацитет да создадеме среќа за многу деца, а знаеме и дека можеме, благодарение на сите вас. И наскоро ќе продолжиме. Благодарение на генералните спонзори во градењето на оваа куќа, луѓето со големи срца и мои големи пријатели и нивната константна поддршка, овој проект тргна и сите вие можете да го видите-нагласи Петровски-Арнаудова.

Според неа овој концепт на телевизиски емисии е веќе познат, и многу популарен, а таа како голем фан на вакви емисии, вели дека знае оти луѓето во Македонија едвај чекаа да видат дека некој и во нашата земја може и сака да го направи ова за нашите луѓе.

Целиот процес на снимање на емисијата траел еден месец.

-Нешто снимивме, нешто не, бевме многу лимитирани со техника, заради непостоечкиот буџет за снимање, но и покрај тоа сметам дека како за прва епизода, извадивме максимум од она кое имавме на располагање. Јас не знам како се снајдов како водител, никогаш во живот не сум помислувала дека еден ден ќе го правам ова. А многу уживав! А и не е важно каква сум јас, важно е да создадеме среќа и да изградиме услови за нормален живот на што повеќе деца-констатира Петровски-Арнаудова.

Таа најави дека со снимање би продолжиле напролет и оти домовите веќе биле одбрани, а се лоцирани низ целата земја и потенцира дека најмногу донатори имаат за внатрешно уредување, а најтешко им е да најдат мајстори, компании за фасади и кровни конструкции. Очекува дека и тоа ќе се среди и дека компаниите полека ќе се вклучуваат.

-Сега-засега имаме одбрано 10 домови и тоа уште на почетокот на проектот, лани во декември. Ако успееме да продолжиме со снимања, ќе вклучуваме нови семејства. Ние сме сепак организација која работи со лица во социјален ризик и имаме влезено во многу домови. Приоритет ни се децата и ќе градиме домови каде што живеат семејства со деца. Се одлучив да снимам бидејќи очигледно на друг начин не можеме да го добиеме вниманието на јавноста. Ова е тешко време за сите нас, но знам дека сплотени можеме да направиме многу и со тоа да ни биде полесно на сите-заклучи Петровски Арнаудова.

(А.П.)