Град Скопје распиша оглас за доделување линии на приватните превозници во јавниот градски превоз

846

Град Скопје распиша оглас за доделување пакет линии и за давање на дозволи за линиски превоз на патници за приватните превозмици. Огласот е неопходен за потпишување на нови договори на Градот Скопје со приватните превозници бидејќи досегашните договори им истекуваат до крајот на годинава.

Огласот беше објавен вчера на официјалниот сајт на Град Скопје.

– Предмет на јавниот оглас е доделување на два пакет – линии и давање на дозволи за вршење линиски превоз на патници во Град Скопје, согласно единствена мрежа на линии утврдени во Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје. Доделувањето на пакет – линиите ќе се изврши по пат на евалуација на поднесените комплетни и навремени затворени пријави, врз основа на утврдени критериуми наведени во документацијата за јавен оглас – се вели во огласот.

Отварањето на поднесените затворени пријави ќе се одржи на ден 20 декември
2021 година, а пакетите на линии се доделуваат за период до 2 (две) години, со можност за продолжување со одлука на Советот на Град Скопје.

Приватните превозници возат согласно договорот склучен со ексградоначалникот Коце Трајановски со кој тие добиваат дел од линиите во јавниот превоз и по 1 евро за секој изминат километар.

Во огласот се бара од подносителот на пријавата да достави писмена
изјава дека со евентуално склучување на договорот истиот ќе обезбеди гранција за
квалитетно извршување на договорот во форма на банкарска гаранција или
депонирани средства во висина од 14.000 денари по возило, за кое поседува извод од лиценца за линиски превоз на патници во градот Скопје.

– Избраниот превозник со потпишување на договорот треба да ја достави
банкарската гаранција или депонираните средства. По обезбедувањето на банкарска гаранција за квалитетно извршување на обврските од договорот или депонирање на средства, Град Скопје на избраниот превозник со кој ќе го склучи договорот ќе му ја врати гаранцијата за учество или депонираните средства за учество во постапката – стои во огласот.

(С.Бл.)