Глоба за лице што испуштало отпадни води во Бардовци

133

Со глоба во износ од 50 евра, казнето е физичко лице за сторен прекршок – испуштање на отпадни води на јавна површина, во населеното место Бардовци.

Инспекциските служби на Општина Карпош го санкционирале ова лице кое било забележано како фрла отпадни води од превозно средство, со што придонесува во загадување на животната средина.

Од Општина Карпош известуваат дека се интензивирани инспекциските контроли.

– Континуирано се врши надзор кај затворените депонии во Злокуќани (кај фудбалското игралиште), во Бардовци (долж реката Лепенец), по течението на реката Вардар и на други покритични, јавни површини – соопштија од локалната самоуправа.

Од таму апелираат до сите граѓани да ги почитуваат правилата и правилно да го одлагаат отпадот. Општина Карпош спроведува и информативна кампања за правилно фрлање на комуналниот, џебниот, кабастиот, електричниот и електронскиот отпад.

И скопскиот градоначалник, Петре Шилегов денеска најави бескомпромисна борба против загадувачите на животната средина.

Се додека јас сум градоначалник безкомпромисна ќе биде борбата против секој кој што на каков било начин ќе ја загадува животната средина, дали амбиенталниот воздух, дали остатокот од животната средина-истакна Шилегов.

Тој додаде дека тоа е налог што  го има дадено на Инспекторатот на Град Скопје чии резултати според него се сериозно видливи и води во активностите на откривање и санкционирање на физичките или правните субјекти кои на каков било начин ја загадуваат животната средина.