Гинекологија Чаир се гасифицира, што е со другите болници?

68

Гинекологија Чаир конечно се гасифицира и оваа зима нема да го загадува воздухот во Скопје. Но, дали само едн објект кој ќе работи на еколошко гориво ќе го подобри квалитетот на воздухот што го дишеме.

Вакво прашање поставуваат не само екологистите, туку и граѓаните кои ги чека долга зима.

– Функционерите се изнасликаа кај гинекологија Чаир, дека завршен е процесот на гасификација на болницата. После години ветувања. Но ги нема пред општите болници во Куманово и Струмица, каде ветената гасификација требаше оддамна да е завршена, но еве и оваа сезона 2020/2021 се дочекува со греење на мазут и нафта. Редица здравствени установи ја имаат истата судбина. Во градови каде гасоводот е донесен, се користи мазут, нафта – констатираат од 02 Иницијатива.

Оттаму ги прашуваат надлежните до кога мислат да ветуваат, без да остваруваат.

– Ако темпото е гасифицирање на една болница е 4 години, да удриме клучот на државава и се иселиме сите. Срамно е ваквото неисполнување и игнорирање на еден од најголемите проблеми со загадување на воздухот, особено во здравствените установи каде се лекуваат болни, ранлива категорија кога станува збор за изложеност на загаден воздух – сметаат од од 02 Иницијатива.

Објектот на ова скопско второ најголемо родилиште беше еден од најголемите загадувачи на воздухот во главниот град. Поради дотраеностан на котелот на мазут, во зимскиот период кога работеше во атмосферата испушташе густ и црн чад.

Од Град Скопје се заканија дека ќе го затворат објектот ако не се направи промена на начинот на греење. Беше распишан тендер за избор на изведувач од страна на Министерството за здравство, постапката беше почната, а сега реализацијата и е доверена на фирмата „Енерго систем“.

(С.Бл.)