Ги мапираа и им објавија војна на дивите депонии, граѓаните скептични

347

Новите градоначалници на скопските општини им објавија војна на дивите депонии. Прво ги мапираа, па отидоа со механизација да го подигнат отпадот и шутот, и веднаш се пофалија на„Фејсбук за завршената работа.

Токму тоа го направи градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски кој спроведе еколошка акција во населбата Ченто во која комплетно е исчистена дивата депонија кај гробиштата Камник.

– Апелирам до граѓаните да ги заштитиме јавните површини од депонирање на отпад – напиша Стефковски на Фејсбук.

Граѓаните на Гази Баба ја поздравија акцијата бидејќи е исчистена една од 15 поголеми депонии на територијата на општината. Но, сметаат дека „една ластовичка не прави пролет“ ако овој проблем не почне да се решава системски затоа што депонијата за брзо време ќе биде вратена или ќе се создаде нова.

– Не ракоплескајте за исчистена депонија. Секоја состојба која превенира лечење, а не спречување е осудена на брз пропаст. Ние активистите со години се бориме да се смени законот за инспекциски надзор што секоја влада поради популизам и губење на гласачи, го става под тепих. Впрочем на тоа укажа и Прибе на едно интервју со министерот за животна средина. Ако не сте знаеле секој граѓанин кој фрла отпад доколку биде фатен од инспектор како прво не може да биде легитимиран (а со тоа да добие казна). Полицијата нема изречено казна за комунален прекршок со години, и како трето, пред некое време се повлекоа мандатните казни. Тоа знаци дека секој прекршител по закон за животна средина, инспекторот ја пишува казната, па таа потоа оди на суд, па потоа ако во меѓувреме сторителот  не фати врски, ќе му стигне некоја симболична казна. За разлика од претходно кога директно се извршуваше. Друго што треба да се знае е фактот дека камион што исфрла шут ќе биде казнет со 50 евра противвредност, а од целиот камион што ќе го исфрли шутот има заработка од најмалку 200 евра – објаснува Дејан Димитровски, екоактивист и поранешен советник во општина Гази Баба.

Хајди Стерјова-Симоновиќ смета дека наместо прекршок за одлагање отпад на недозволено место, тоа да биде кривично дело и тогаш ќе може и одземање на возило, а ќе може и затвор.

– Затоа што низ годиниве видовме снимки од граѓани од неколку исти комбиња/камиончиња како фрлаат отпад и создаваат диви депонии. Има многу „приватњаци“ кои се рекламираат по огласи дека чистат подруми, шут и кабаст отпад, им наплаќаат на граѓаните и потоа го фрлаат каде ќе стигнат! Мора ред да се воведе во комуналните дејности. Ако врши таква дејност да има лиценца од градот/општината, да има склучено договор со легална депонија или да има капацитети за преработка на отпад (зависи каков отпад ќе собира) и сите возила да му бидат обележани! Ако се фати необележано возило да собира или фрла отпад, кривично да одговара тој што го врши директно дејствието, ама ако има органи, и за тоа да одговара и тој. Има начини како се да се реши, потребна е само политичка волја. И се разбира камери за да се фатат сите кои ќе фрлаат на диви депонии – смета таа.

Никола Велевски, пак, предлага на секој 40. ден општината да организира Акциски ден за изнесување на кабаст отпад пред зграда или куќа.

– Граѓаните се сами должни на тој ден да го изнесат пред куќа. Секое изнесување на друг ден да е строго забрането и казниво. Општината треба јавно да ги истакнува кои се тие акциски денови во текот на годината, треба да има дежурен телефон на кој ќе може да се договори изнесувањето на отпадот и во рок од 3 дена тој отпад да биде подигнат. Градежниот шут е друга работа, секој претприемач е должен на крајот од работата да го отстрани на место каде што ќе го одреди општината, а понатаму каде ќе го носи тоа е нејзина работа. Не може ако живеам во Црешево, едно тамче градежен шут да го однесе во Дрисла и да ми наплати 100 евра – смета Велевски.

Тале Трпкоски предлага пак, во Гази Баба да се постават станици за рециклирање на отпад.

– Потребни се нај малку 20-30 станици за рециклирање на отпад и една поголема каде ќе можеме да исфрламе се и сешто, па дури и опасен отпад. Ова не е голема инвестиција, а ќе ни помага на сите нас, по секако најмногу на животната средина – вели Трпкоски.

Во општина Кисела Вода, се чисти дивата депонија во месноста викана Дупки во населбата Драчево. Ова е првиот чекор кон финалното отстранување на сите депонии во општина Кисела Вода, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој беше на терен заедно со службите.

– По целосното расчистување на ова место, на површина од околу 4.000 квадратни метри ќе се направи зелен парк кој ќе нуди и многу дополнителни содржини. Ќе се изгради детско игралиште, катче за пензионери, ќе се постават клупи и корпи за отпадоци. Ова е првиот чекор кон финалното отстранување на сите депонии во оваа општина. Кисела Вода мора да биде чиста општина, затоа што тоа го ветивме и на тоа се обврзавме – подвлече градоначалникот Ѓорѓиевски.

(С.Бл.)