Бренд успеа и да ја врати сликата на Пабло Пикасо, која била украдена пред 20 години и вреди 28 милиони долари, а деновиве помогна да се пронајде и круната на етиописките цареви, која била загубена 21 година. Овој човек, всушност, има решено некои од најголемите грабежи, од статуите во сопственост на Адолф Хитлер до фантастично скапата слика на Салвадор Дали. Тој има пронајдено над 200 уметнички дела меѓу кои и делото на Tamara de Lempicka “La Musicienne”, како и неколку слики кои биле украдени од холандскиот град Хорн…

Артур Бренд со причина го викаат Индијана Џонс на уметничкиот свет, бидејќи животот го посветил на потрагата по изгубени ремек-дела. Тој успеал да ги измами симпатизерите на нацистите и да им ги конфискува скриените богатства, преговарал со мафијата околу некои важни слики и им влегол во трага на исчезнатите византиски мозаици… Исто како и фиктивниот херој на филмот, чиј прекар го носи, Холанѓанецот Артур Бренд вели дека научил да се справува со криминални групи и поединци, а на опасноста е изложен секојдневно.

„Ова се луѓе што убиваат ако сметаат дека има потреба од тоа. Затоа секогаш го одржував зборот што им го давам, инаку ќе бев во сериозна неволја“, изјавил Бренд во едно интервју од 2016, и… досега тој успеал да задржи жива глава.

Инаку, Бренд успеа и да ја врати сликата на Пабло Пикасо, која била украдена пред 20 години и вреди 28 милиони долари, а деновиве помогна да се пронајде и круната на етиопските цареви, која била загубена 21 година.

Овој човек, всушност, има решено некои од најголемите грабежи, од статуите во сопственост на Адолф Хитлер до фантастично скапата слика на Салвадор Дали. Тој има пронајдено над 200 уметнички дела, меѓу кои и делото на Tamara de Lempicka “La Musicienne”, како и неколку слики кои биле украдени од холандскиот град Хорн…

Потрага по делото на Пикасо

Неговата потрага по делото на Пикасо започнала пред четири години кога Бренд слушнал дека украдената слика циркулира меѓу криминалците и е скриена во Холандија. „Buste De Femme“ (Биста на жена) исчезна во март 1999, кога крадците се качиле на луксузната јахта на саудиски принц. Милијардерот Шеик Абдул Мохсен Абдулмалик Ал-Шеик отпловил до Француската ривиера, каде што неговата јахта требало да се реновира. Крадците се качиле, брзо ја зграпчиле сликата завиткана во хартија, која стоела на подот од кабината и избегале. На сликата на Пикасо е неговата љубовница Дора Мар. Крадците успеале да избегаат од француската полиција, која понудила награда од неколку стотици до неколку илјади евра на оној што ќе ја пронајде. Уметничките експерти веруваа дека таа е изгубена засекогаш.

Отпрвин, Бренд дури и не знаел како изгледа сликата, бидејќи ја немало во книгите и не била изложена во музеи. Сепак, тој го направил она во што бил најдобар – ја раширил приказната дека ја бара меѓу сите свои контакти и луѓето од црниот пазар. Од извори во криминални кругови и користејќи детални методи на истрага, тој цели четири години не добил корисни информации. И тогаш се случил повик од два извора. Му рекоа дека холандски бизнисмен ја купил сликата, без да знае од каде потекнува. Луѓето кои работеа за тој бизнисмен наскоро го повикаа Бренд. Кога двајцата посредници го донеле скапоцениот пакет во станот на Бренд, во Амстердам, тој бил завиткан во вреќа за ѓубре. Отпрвин, наздравувале и пиеле, а потоа Бренд ја повикал полицијата. Пред експертите да ја преземат сликата, тој имал едно барање.

„Вечер претходно, ја закачив сликата на ѕидот во мојот стан и на кратко го имав најскапиот стан во Амстердам“, рече Артур. Тој додава дека се пронаоѓаат само пет проценти од украдените уметнички дела „тешко е затоа што веднаш штом криминалците ќе помислат дека полицијата ќе ги фати, тие ги уништуваат уметничките дела“.

Круната на етиопските цареви била загубена 21 година

Сирак Асав, кој избегал во Холандија, кон крајот на 70-тите години, пред политичката репресија на комунистичката влада во Етиопија, ја пронашол круната од оваа земја и сфатил дека е украдена. Поранешниот етиопски бегалец им помагал на Етиопјаните кои ја напуштиле земјата, а тие отседнувале во неговиот стан во Ротердам во 80-тите и 90-тите години. Еден од луѓето, кој бил сместен во неговиот стан во 1998, ја носел круната во торба. Сирак му рекол дека круната ќе остане кај него сè додека стане безбедно за да ја врати дома.

На круната се врежани Исус Христос, Бог и Светиот Дух, како и апостолите на Христа, а веројатно моќниот водач Велде Селасие и ја донирал на црквата пред стотици години. По завршувањето на поранешниот режим во Етиопија, а Аби Ахмед станал премиер, Сирак одлучил дека е вистинско време да се врати дел од етиопската историја во Адис Абеба. Тој стапил во контакт со Артур Бренд, и побарал помош од него за да ја донесе круната дома. Во согласност со холандската полиција, артефактот бил чуван на безбедно место, а експертот потврдил дека е оригинал. Сега се очекува етиопската влада да контактира со холандските власти со цел да го испланираат враќањето на круната.

Холандскиот детектив за уметнички дела успеа да ги открие и украдените средновековни камени релјефни артефакти во градината на англиски аристократ кој ги користел како украси.

Тие артефакти од 7 век биле украдени од шпанска црква во 2004 кога и започнала 15-годишната потрага. За артефактите Бренд добил информација во 2010, во која се известува дека на британскиот пазар се појавиле два сомнителни артефакти кои се нуделе како градинарски украси?! Информаторот на крајот го довел Бренд, кај француски дилер, кој не сакајќи ги купи од шпанските крадци,  ги продал на британски дилер, кој пак ги продал на најновите сопственици. Изгледа дека благородникот ги купил делата за околу 50.000 фунти, но никој од нив не знаел за нивното сомнително потекло.

Откривањето на коњите на Хитлер

„Мојот најголем успех беше откривањето на коњите на Хитлер. Ова беа некои од најзначајните статуи во светот, два гигантски коњи на Јозеф Торак кои стоеја пред вратите на канцеларијата на Рајх. Се зборуваше дека тие биле уништени за време на битката во Берлин, но не било така. Хитлер објавил војна на само 100 метри од нив, а шест години подоцна, под нивните копита, се самоубил во бункер“, вели Бренд. Тој раскажува дека на него и неговиот пријател им била  испратена слика во боја на која се гледале овие коњи.

„На смеа зборувавме дека очигледно се лажни, бидејќи сметавме дека оригиналите се уништени од руската артилерија. Мислев кој идиот ги прави овие 3 метри високи коњи и се обидува да ги продаде за 8 милиони евра? Но, тогаш сè се смени. Еден ден ја гледав познатата снимка од Втората светска војна – времето кога ќе го видите Хитлер како излегува од канцеларијата на Рајх, шета во градината и им дава медали на последните војници на Хитлеровата младина. Ова беше само неколку дена пред битката кај Берлин. И, тогаш, ги видов, во заднина – каде што требаше да биде еден од коњите, имаше еден од чуварите на Хитлер. Тоа значеше дека Хитлер, пред битката во Берлин, мора да ги преместил овие статуи.

Одеднаш помислив дека коњите на сликата би можеле да бидат вистински“, објаснуваше Бренд. Тој веднаш почнал да контактира со агентите на екс-КГБ и нацистите.

На крајот, по цели 75 години во огромна куќа во германско село беа најдени уметнички дела од квартовите на Хитлер…   (Подготви: Д.Т.)