Газдите пишуваат откази, работниците пријави до инспекторите

Точна бројка колку работници поради кризата досега останале без работа уште никој не кажува, ниту пак се знае колку вработени го изгубиле работното место на тој начин што работодавците за да се ослободат од нив го прекршиле Законот за работни односи. Од Државниот инспекторат за труд информираат дека бројот на поплаки од работниците што ги примиле во овој период е далеку поголем од порано.

218

Бројот на невработени кои активно бараат работа минатиот месец во однос на февруари се зголемил за 1.916, покажа најновата статистика на Агенцијата за вработување.

Споредено со јануари, во март бројот на невработени во државата е поголем за 3.323. Минатиот месец во евиденцијата на Агенцијата имало 107.732 невработени лица.

Овие бројки не се совпаѓаат со податокот што го даде Групацијата на угостителите, според кој само тие отпуштиле 15 илјади работници. Но, овој податок го демантира министерот за економија Крешник Бектеши, а и директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, која категорично тврди дека нема толкав број работници кои останале без работа.

Точна бројка колку работници поради кризата досега останале без работа уште никој не кажува, ниту пак се знае колку вработени го изгубиле работното место на тој начин што работодавците за да се ослободат од нив го прекршиле Законот за работни односи. Од Државниот инспекторат за труд информираат дека бројот на поплаки од работниците што ги примиле во овој период е далеку поголем од порано. Директорот на инспекторатот Аљадин Хавзиу на прес-конференција во Владата потврди дека до нив се стигнати претставки од работници кои се принудени да потпишат отказни решенија или им се нудат договори за работа со скратено работно време.

– За жал, има неколку такви претставки и се постапува по сите согласно законот. Апелирам вработените да внимаваат што потпишуваат. Може да се јават во Трудовата инспекција во секое време, во секоја подрачна единица. Истакнати се броевите на инспекторите и тие се јавуваат на повик и може да ги консултираат. Вработените да не потпишуваат нешто што не знаат и потоа да има последици по нив, порача Хавзиу.

Од невладината организација „Гласен текстилец“ посочуваат дека им се обраќаат не само текстилни работнички туку и вработени во маркети и во други фирми, со поплаки дека неправедно добиле отказ или им се прекршени други права, како на пример дека не им е дозволено да седат дома иако имаат деца на возраст до 10 години, што е една од првите мерки на Владата за заштита од коронавирусот.

Кристина Ампева, претседател на таа организација во телевизиско гостување посочи дека откази и тоа на нерегуларен начин се делат не само во мали, туку и во големи фирми.

Инаку, еден од начините што ги користат работодавците за да се ослободат од вработените во овој кризен период е да не им го продложат истечениот договор за работа на определено време. Тие лица немаат друга опција освен да се пријават како невработени во Агенцијата за вработување и да го користат правото на паричен надомест во висина и времетраење зависно од стажот што го оствариле во фирмата. Но, од Гласен текстилец и од Трудовиот инспекторат предупредуваат дека ваквите договори за работа некои работодавци деновиве ги прекинуваат пред да истечат и во тој случај работниците треба да пријават во Инспекторатот за да бидат вратени на работа. Деновиве се прават малверзации и со принудување на работниците да потпишуваат спогодбени откази. Во тој случај работниците треба да внимаваат да бидат запазени сите елементи на спогодбено прекинување на работниот однос, пропишани со измени на Законот за работни односи уште во 2012 година. Таквата спогодба треба да содржи цело име и презиме на работникот и на работодавецот, нивни скратени потписи, а исто така и двајцата треба своерачно да го напишат датумот на престанок на работниот однос. Законски валидната спогодба треба да е склучена на денот кога престанува работниот однос, а треба да содржи и правна поука за работникот. Доколку недостасува некој од овие елементи, работникот треба да пријави во трудовиот инспекторат, а тоа претставува и кривично дело.

Трудовите инспектори информираат дека се водат постапки за повеќе пријави за нерегуларен отказ, а притоа некои работници се вратени на работа.

Најмногу откази се делат во дејностите кои веќе не се активни поради кризата, како угостителството, казината, кладилниците. На работниците им се советува да не потпишуваат спогодбени откази, а ако добијат отказно решение  да го обжалат прво кај работодавецот, а потоа да пријават во инспекторатот. Државниот инспекторат за труд деновиве апелираше до вработените да не потпишуваат договори или отказни решенија ако не се сигурни што значат. Им се препорачува да внимаваат што потпишуваат и ако е можно претходно да се консултираат со стручни лица.

Губењето на работни места поради пандемијата од коронавирусот е всушност светски тренд. Во најновиот извештај на Меѓународната организација на трудот се наведува дека во второто тримесечје од годинава, поради различните ограничувања, ќе се изгуби 6,7 отсто од работното време, што е еднакво на останување без работа на 195 милиони луѓе. Експертите предупредуваат дека мерките за целосно или делумно стопирање на бизнисот веќе засегнале 2,7 милијарди работници, што претставува околу 81 отсто од глобалната работна сила.

(С.В.)