Втора фаза од изградбата на планинскиот пат до село Полаки

110

Општина Кочани ќе ја реализира втората фаза од пробивањето и доасфалтирањето на локалниот патен правец до училишната зграда во планинското село Полаки, оддалечено петнаесетина километри од градот.

За оваа намена се обезбедени 6,9 милиони денари од кои близу половина се од Министерството за локална самоуправа преку Програмата за финансирање проекти со специфични развојни услови, а остатокот е кофинансирање од општинскиот буџет.

– Во моментот тече повикот за избор на изведувач на градежните работи на кој заинтересираните компании можат да се пријават до почетокот на септември. Трасата на патот е делумно пробиена, но неопходно е нејзино соодветно проширување и тампонирање, по што ќе следува и асфалтирање, со што, на населението што гравитира кон овој крај ќе му се обезбеди полесен и побрз пристап. Делницата на која ќе се работи во втората фаза е со должина од околу еден километар и широчина на коловозот од три метри, по што ќе остане уште толку за да се комплетира патот до училиштето во Полаки, истакна Влатко Димитров, раководител на Секторот за урбанизам на Општина Кочани.

Освен асфалтирањето, со проектот е предвидено да се постават пропусти и одводи за атомсферската вода, како и бетонски рабници по должината на коловозот. Крајниот рок за комплетирање на градежните работи е до втората половина на ноември годинава.

Првата фаза од овој патен правец се реализираше минатата година, при што беше асфалтирана една третина од вкупната должина на коловозот од месноста Крушка кон училишната зграда во Полаки, а за што беа инвестирани 4,5 милиони денари.