Втор форум на библиотечна унија на земјите од ЦИЕ и НР Кина

78

Во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје денеска и утре ќе се одржи вториот Форум на библиотечна унија на земјите од ЦИЕ и НР Кина, како дел од меѓународната годишна програма на Министерството за култура и годишната програма на културни настани на Град Скопје.

Како што информираат од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, на настанот ќе бидат претставени национални, градски, универзитетски библиотеки од земјите членки на унијата потписнички на Декларацијата за културна соработка, како и претставници од библиотеките од земјава.

ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје е членка на „Библиотечна унија на земјите од ЦИЕ и НР Кина“ од 2018 година кога беше одржан Првиот Форум на унијата во градот Ханџу НР Кина, во Градската библиотека, каде се наоѓа Секретаријатот на Библиотечната унија. Библиотечната унија е дел од меѓународната соработка на Унијата на земјите од ЦИЕ и НР Кина и центарот за културна соработка на земјите од Унијата во Скопје, Македонија.

Во 2012 година, официјално започна соработката помеѓу НР Кина и земјите од централнаа и источна Европа, ЦИЕ. По пет години развивање на соработката, двете страни постигнаа извонредни достигнувања во различни области во кои културната размена одигра важна улога во консолидацијата на традиционалното пријателство и зајакнување на меѓусебното разбирање.

„Библиотеката, како институција која го чува човечкото културно наследство, е една од неопходните врски во меѓународниот синџир на размена на култури. Со цел да се спроведе Акциониот план за развој ‘Belt and Road’ (2016-2020) издаден од Министерството за култура на Кина и да се зајакне соработката во областа на библиотекарството преку споделување на библиотечни ресурси, културна размена и техничка соработка , меѓународната библиотечна заедница силно се заложи за формирање Библиотечна Унија на земјите од ЦИЕ и НР Кина. Повеќе од 160 библиотеки и нивните претставници од Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) се собраа во Ханџу на Првиот форум на библиотечна унија и ја потпишаа Декларацијата на унијата за меѓусебна соработка на библиотеките. Градската библиотека во Ханџу е назначена за секретаријат на унијата на библиотеки“, посочуваат од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.