„Филмот ‘Врба’ e моќно и најоригинално дело на маестро Манчевски, достојно за награди – трогателен, брилијантно одглумен и визуелно фрапантен поглед врз мајчинството. Не можеме да дочекаме да го споделиме ова длабоко дело со американската публика“, посочи дистрибутерот „Кино Лорбер“.  Со негова заслуга македонскиот кандидат за Оскар за 2021 ќе се најде пред Американците годинава но и во 2022 и 2023. Филмот ќе се прикажува во кината, на телевизии и на стриминг-платформите низ САД.

„Кино Лорбер“ постои од 1977 година, а во големата библиотека од над 4000 нивни филмови се цела низа стари и нови добитници на Оскар и номинирани филмови и филмови на познати автори, како Тарковски, Орсон Велс, Жан-Лик Годар, Хол Ешби… Во последните девет години имаат добиено дури седум номинации за Оскар.

„Во редовна кинодистрибуција во САД се прикажуваат релативно мал број странски филмови. Единствени македонски филмови прикажани на редовниот репертоар во Америка се претходните филмови на Милчо Манчевски – „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“ и „Бикини Мун“, како и филмот „Медена земја“. Во претстојниот период пред номинациите за Оскар, „Врба“ го продолжува фестивалскиот поход, а ќе има и специјални проекции во угледни предоскаровски настани во Њујорк и Лос Анџелес и Калифорнија“, соопшти продукцијата.

Исто така, „Врба“ ќе се прикажува и на најреномираниот телевизиски канал за филмови, Ејч-би-о (НВО), каде што пред европската публика ќе се емитува повеќе пати во текот на 2021 и 2022 година.

Во текот на 2021 година со унгарскиот дистрибутер „Будапешт филм“ ќе биде организирана и кинопремиерата во Унгарија, а подоцна и стриминг и телевизиско прикажување. Во 2021 се предвидени кинопремиери на „Врба“ во Србија, Белгија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Албанија, Црна Гора и во Велика Британија.