Вода и за ниската зона во село Раштак

271

Општина Гази Баба ќе стави крај на долгогодишниот проблем со недостатокот на водоснабдување во Раштак. Покрај високата, вода ќе добие и ниската зона во ова населено место.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски на жителите на Раштак им посочил дека се обезбедени 5 милиони денари од Светска банка за оваа намена и дека во проектот се вклучени и експерти од оваа област, со цел тој да биде целосно функционален, долгорочен и ефикасен за сите граѓани.

– Им објаснив дека до сите домаќинства ќе бидат поставени шахти со водомери на сметка на општината. Одговорив на сите нејаснотии кои жителите ги имаа во врска со овој проект, за што изразија задоволство што конечно ќе се реши нивниот децениски проблем – вели Георгиевски.

Покрај питка и чиста вода за домаќинствата, жителите на Раштак ќе имаат и техничка вода. Според динамиката на работа, се очекува овој проект со сите фази да заврши најдоцна до пролет.