Живописот во црквата во Матејче, кој е од 14 век, денес во голема мера е уништен, но сочувани се сцени од животот на Исус Христос и Богородица. Единствена и уникатна по својата реткост е композицијата на која Исус Христос е преставен со крстот затоа што во овој случај Христос е насликан со главата надолу. Во оваа црква се зачувани и бројни записи, меѓу кои се истакнуваат оние на митрополитот Никифор и на Кирил Пејчиновиќ… Од Управата за заштита на културно наследство и Министерството за култура посочуваат дека интензивно се работи целиот простор да се заштити и стави во функција со цел да се спречи неговото скрнавење и пропаѓање…

 

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче, ремек-дело на византиската архитектура и уметност, кое беше осквернавено во војните конфликти во 2001, по што продолжи нејзиното руинирање, конечно ќе добие соодветен третман. Ова стана особено актуелно во изминатите денови кога и новата министерка за култура Ирина Стефоска ја најави можноста за прогласување на овој импозантен храм од 14 век за културно добро во опасност, со кој објектот треба да ја добие соодветната заштита.

Малкумина знаат за бурната историја, значењето и уникатноста на единствената манастирска црква во рамки на манастирот во Матејче, Општина Липково, која е изградена во 1345 година, со богатиот живопис кој потекнува од 1348 до 1352 година. Изникнувајќи од традицијата на цариградските архитектонски решенија и претставувајќи го најголемиот сликан ансамбл од 14 век на македонската територија и вториот по големина во Балканскиот Регион, Богородичната црква во Матејче, со импозантните димензии на градежниот корпус и богатиот и широк сликан репертоар, се вбројува меѓу најмаркантните споменици на општата византиска уметничка продукција со оригиналните иконографски решенија, невидени во историјата на византиското сликарство. Четиринаесет циклуси и стотици светителски ликови ги красат ѕидовите на храмот, кои во последно време секојдневно губат драгоцени делови од својата сликана декорација. Тие зборуваат и за вештината и мајсторството на најдобрите сликари од средината на 14 век.

Од повелбата со златен печат…

За самата историја на манастирската црква се дознава од повелбата со златен печат на цар Милутин од 1300 година, во која е забележано дека нејзината градба ја започнал царот Душан, подигајќи ја врз темели на постара црква, посветена на света Богородица Црногорска. Фактот дека овој цар започнал со градење на црквата се споменува и во биографијата на цар Урош, каде што е наведено дека по смртта на Душан, неговата жена Елена и синот Урош ја доградиле и живописале црквата. Според некои записи стои дека во Втората светска војна во олтарот на црквата имало мала капела, која потекнувала од 12 век. Црквата е реставрирана во повеќе наврати во 1934, 1953 и 1960 по еден подолг временски период кога била под урнатини. Оваа црква која се одликува со импозантни димензии и архиектонска монументалност, според богатството на претставените теми, пак, ги надминува многу постарите дела на средновековната уметност на целата балканска територија. На ѕидовите на црквата насликани се Големите празници, Христовите чуда и поуки, Страдањата, циклусите посветени на Богородица, илустрираните житија на Јован Крстител и Антониј Велики. Делата апостолски, Чудата на светите архангели, Екуменските собори, Авгаровата легенда, семејното стебло на Христовите предци… најпочитуваните светители, маченици, учители и монаси. Во однос на архитектурата, таа е петкуполна градба со основа во форма на впишан крст. Долга е 23,5 метри и спаѓа во поголемите градби. Живописот се карактеризира со занимливи живи бои претставени преку високиот реализам што е уникатно за разлика од други фрески по црквите.

Мобилизирање на стручни и материјални ресурси

Живописот во црквата денес е во голема мера уништен, сочувани се сцени од животот на Исус Христос и Богородица. На западниот дел се забележуваат остатоци од претставата на лозата на византиските цареви, а ликовите на ктиторското семејство, цар Душан, царица Елена и синот Урош се наоѓаат на јужниот ѕид. Единствена и уникатна по својата реткост е композицијата на која Исус Христос е преставен со крстот, затоа што во овој случај Христос е насликан со главата надолу. Интересно е да се напомни дека во оваа црква се зачувани записи меѓу кои се истакнуваат оние на митрополитот Никифор и на Кирил Пејчиновиќ…

Според министерката Стефоска, статусот, добро во опасност, ќе значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучуваат меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот. Таа посочи дека уште во 2017, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност, но тоа до сега не било направено. Ова за весникот ВЕЧЕР го потврдуваат и од Управата за заштита на културното наследство.

„Во 2017 сме покренале иницијатива како Управа до Националниот конзерваторски центар службено да се поведе постапка за прогласување на црквата за добро во опасност, но тоа не беше направено. Откако деновиве беше на социјалните мрежи објавено дека е обиена вратата и дека се кршени прозорците, а внатре е раскопувано, веднаш испративме инспекција која направи увид, а целиот историјат за оваа црква повторно ја испративме до Национален конзерваторски центар, со цел да покренат постапка, што е и во договор со Министерството. Основната работа што треба да се направи таму е да се постави  чуварска служба која ќе се грижи за објектот, додека траат бирократските работи. Исто така неопходно е да се среди инфраструктура, пат додека се чекаат поголеми средства. Во постојан контакт сме и со градоначалникот на Куманово, кој исто така има свои идеи и ќе се вклучи со некои свои проекти. Интензивно се работи на случајот, не го оставаме така“, посочува Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културно наследство. Тој исто така додава дека има разни причини зошто до сега ова не е направено (дали финансиски или стручни), но вели дека сега интензивно се работи на решавање на овој проблем во кој треба да се вклучи и самата црква со некои свои организациони планови. „Манастирот се наоѓа во многу убава природа и луѓето од околината кои ја слават Мала Богородица, го посетуваат. Се работи за убав простор кој може да се искористи мултиуфункционално, со објекти каде што може да се преспие, и за посета на излетници, но и на туристи, бидејќи ‘спомениците најдобро се чуваат ако се стават во некаква функција’“, додава Костов. (Д.Т.)