Во Филхармонија: „Рејдиохедџез“ во изведба на Биг-бендот на ЗЏМ

132

Во големата сала на Филхармонија, на 30 ноември, во 20 часот, Биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија (ЗЏМ), ќе ги изведе најдобрите теми на една од најпопуларните групи на сите времиња – „Рејдиохед“.

„Станува збор за маестрален проект под наслов ‘Radioheadjazz!’, со уникатна содржина, со џез-верзии на песните на британската алтернативна рок-група, која од своето постоење до денес, изврши огромно влијание низ светот, група која донесе прогресивен, иновативен, моќен звук. Џез-аранжманите на нивните композиции ќе бидат уникатна фузија меѓу различните музички правци и тоа за првпат ќе биде претставено на македонската музичка сцена“, стои во најавата за концертот.

Зад диригентскиот пулт со Биг-бендот на ЗЏМ, ќе застане Зиги Фајгл од Австрија, познат на македонската публика од неговите досегашни настапи со овој ансамбл. Со овој проект, ЗЏМ ја проширува својата репертоарна политика, естетските хоризонти, го збогатува својот музички израз и профил насочувајќи се кон една поинаква звучна патека.

„Проектот ‘Radioheadjazz!’, изведбата на теми од современиот алтернативен рок-бенд во џез-аранжмани е силен предизвик за уметниците, но и за публиката, и е оригинална идеја која ќе донесе иновација на нашата сцена“, се додава во најавата.