Вработените на Македонската филхармонија ја поздравија одлуката на Владата за формирање на новата национална установа „Оркестар за џез-музика“, но информацијата дека таа ќе биде сместена и ќе функционира во нивниот објект ги остави затечени. Тие сметаат дека владината одлука за вдомување на џез-оркестарот во објектот на „Македонската филхармонија“ ќе резултира со „повеќе штета отколку полза“.

„Како вработени во Филхармонија би сакале да ја изразиме нашата загриженост за функционирањето на институцијата и да укажеме на тоа дека во објектот на Филхармонијата, не е возможно паралелно да работат две институции, односно два различни субјекти. Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме, е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува, пред сè на оркестарот на филхармонијата чии членови/вработени ги извршуваат своите работни задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата сцена), кои се наоѓаат во објектот. Исто така, музичарите вработени во филхармонијата голем дел од работните часови ги поминуваат и во индивидуална и групна работа во одделните соби во објектот наменети за оваа цел. Имено, во објектот има точен број на соби за вежбање, кои се направени со прецизни акустички мерења за секоја група на инструменти одделно. Покрај собите за вежбање, имаме и четири гардероби, чиј просторен капацитет е целосно исполнет согласно бројот на вработени во оркестарот“, реагираат од Македонската филхармонија. Тие посочуваат дека исто така и капацитетот на просториите во кои се сместени вработените во делот на администрацијата и техничката служба, е целосно исполнет.

„Во објектот има и нототека, која тековно се пополнува со нотна литература и веќе кубури со простор, како и студио за снимање, за чии потреби  беше пренаменета една од просториите за вежбање. Постои и кафетерија која според проектот треба да се користи за цели на вработените и гостите на институцијата, а сегашната намена воопшто не соодветствува со првичната намена. Се разбира, тука се големата и камерната сала на филхармонијата, кои што се користат за она што се наменети, односно за симфониски и камерни концерти“, додаваат од Филхармонијата. Оттаму сметаат дека во Македонската телевизија каде што функционирал некогашниот џез-оркестар, сè уште постојат студија кои се соодветни за еден ваков оркестар. Од Филхармонија е испратен допис со реакција и листа со потписи од вработените до Министерот за култура и до Владата.

Од Министерството за култура, пак, за весникот ВЕЧЕР вчера посочија дека начелно, објектот на Филхармонијата, како најсродна институција до новоформираниот оркестар за џез-музика е предложен за користење до конечното формирање на новата установата. Оттаму велат: „Очекуваме, колегите од двата оркестра да покажат меѓусебно разбирање во оваа првична фаза за новата установа, која со својата дејност веќе ја збогатува македонската музичка култура, до конечното решение за нејзините потреби во делот на непречено административно и концертно дејствување“. (Д.Т.)