Во Скопје ќе започне нова ера на економска и политичка соработка

Два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор, кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните од Западен Балкан и на бизнис-заедницата, ќе бидат потпишани во рамки на Економскиот форум за регионална соработка. На Форумот ќе бидат присутни повеќе од 350 компании од регионот, од кои 200 од соседна Србија, а се очекуваат над 400 билатерални средби. Ќе се дискутира за барањата на бизнисмените за единствен пазар каде што бизнисот би бил многу полесен, поедноставен и побрз

686

На Економскиот форум за регионална соработка, што ќе се одржи денеска во Скопје, ќе бидат потпишани два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор, кој во огромна мера ќе го олесни животот на граѓаните и на бизнис-заедницата од Западен Балкан. На Форумот ќе присуствуваат премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а ќе се одржи и деловен форум. На Форумот ќе бидат присутни повеќе од 350 компании од регионот, од кои 200 од соседна Србија, а се очекуваат над 400 билатерални средби. Ќе се дискутира за барањата на бизнисмените за единствен пазар каде што бизнисот би бил многу полесен, поедноставен и побрз.

Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи нагласи дека утре е почетокот на имплементација на она за што се зборува неколку години во рамки на Берлинскиот процес и на она што беше заедничка агенда, а тоа е овозможување и креирање на регионалниот пазар, затоа што, како што потенцира, само регионалната соработка значи поголема регионална конкурентност.

– Границите лесно се поставуваат, но отстранување на границите е тежок процес. За жал, ние бевме сведоци на тоа, требаше веројатно една година да се постават границите, а 30 години да се отстранат бариерите за слободна трговија. Секако и со Берлинскиот процес, со иницијативата за заеднички регионален пазар, изјави Битиќи.

Претседателот на Српската трговска комора, Марко Чадеж, изјави дека на форумот ќе се потпишат неколку договори за олеснување на работењето на економиите на трите земји, кој ќе го направат заедничкиот пазар поконкурентен, како и дека се очекуваат повеќе од 400 билатерални средби на бизнисмени.

Чадеж посочи дека економијата на регионот пред своите политичари постави неколку важни иницијативи што треба да доведат до уште подобар бизнис на нашите економии.

– Влегуваме во целосно нова ера на економска и политичка соработка во регионот, особено кога станува збор за овие три земји, Албанија, Северна Македонија и Србија. Интензивираната соработка ќе донесе нова политичка стабилност и јасен сигнал до инвеститорите дека ова е регион на успех. Гледаме конкретни чекори и придобивки за економијата и граѓаните и ги покануваме другите економии на земјите од Западен Балкан да се приклучат, рече тој.

Тој исто така најави нови проекти како што е воведувањето единствен систем за електронска наплата што носи заштеда на пари и време и на економијата и на граѓаните, а една од најзначајните иницијативи на кои инсистираат, тие е воведување единствени работни дозволи.

Скопскиот форум за регионална соработка на Западен Балкан ќе обедини компании од Србија, Албанија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и други регионални и европски економии, како и претставници на влади, финансиски институции, универзитети, меѓународни делегации и здруженија. Најголем број компании што учествуваат доаѓаат од градежниот сектор, земјоделско-прехранбената индустрија, енергетиката, машинската, автомобилската и текстилната индустрија, туризмот, ИКТ и телекомуникациите, транспортот и логистиката.

Меѓу компаниите од Србија се: Нектар, Еликсир, Алфа Плам, ФПМ Агромеханика, Млекара Шабац, НИС, Телеком, Унипромет, МИНД – Милановиќ Индустри груп, Младост Лесковац, Нутрико Врање, Симпо, Еуротурс, Ер Србија, Коридори на Србија, Патишта на Србија, Србија Карго и други.

На Форумот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега беше неформално нарекувана како „мал шенген”.

(А.С.)