Во Русија повеќе од 9 илјади новозаразени, се тренираат кучиња за откривање на заболени

53

Потпретседателката на руската влада, Татјана Голикова призна „сериозно зголемување“ на случаите на коронавирус во Русија, но тврди дека нејзината земја е подготвена да се соочи со тоа.

„Последните две недели регистрираме зголемување на бројот на нови случаи со коронавирус. Ова е сериозно зголемување”, изјави Голикова на прес-конференцијата, објави државната телевизија Русија 24.

Денеска во Русија официјално се регистрирани 9.412 нови случаи на коронавирус и 186 смртни случаи за 24 часа, најмногу од 23 мај.

Голикова рече дека зголемувањето е поврзано со враќање на работа на голем број вработени, како и раната есен, традиционална сезона на заразни болести.

„Сепак, ситуацијата е сосема поинаква од онаа на почетокот на пандемијата во март и април. Лекарите се подготвени, болничките кревети се подготвени, имаме доволно заштитна опрема и лекови”, рече Голикова, повикувајќи ги Русите да го почитуваат растојанието и да носат заштитни маски.

“Немаме избор. Или ќе ги следиме безбедносните мерки пропишани од лекарите или ќе воведеме мерки за ограничување на движењето, што не сакаме и немаме намера да го преземеме”, нагласи таа.

Обука на кучиња кои ќе го откриваат коронавирусот

Во петокот Голикова присуствуваше на презентацијата на проектот на државната авиокомпанија Аерофлот, која започна обука за кучиња што можат да детектираат коронавирус.

Петнаесет кучиња шалајка (хибрид од чакали и лајки, раса на ловџиски кучиња од Сибир, создадена пред две години) кои имаат особено развиено чувство за мирис се обучени од јуни за откривање лица заразени со коронавирус.

„Овие примероци содржат мал број ДНК на ковид-19 што има специфичен мирис“, објасни извршниот директор на Аерофлот, Виталиј Савељев.

Кучињата ќе можат да ги детектираат заразените од ковид-19 со душкање на заштитната маска на патникот или примерокот од нивната плунка. Тој прецизира дека првите резултати од проектот ќе бидат познати во декември.

Во Русија, во август починале 157.181 лице, што е за 9,6 проценти повеќе или за 13.787 повеќе од претходната година, објави денеска рускиот државен завод за статистика.

Од нив, 7.463 смртни случаи биле поврзани со ковид-19, а вирусот е најголема причина за смртта во 3.863 случаи, соопшти Росстат.