Во Прилеп изложба на слики од уметникот Ниче Василев

99

Во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп е поместена изложба на слики од уметникот Ниче Василев.

„Уметникот Ниче Василев инспириран од жената, односно женското тело, своите ументички видувања ги преточува во дела. Тој на неговите слики им дава, една суптилна, онтолошка димензија и ги облагородува со еден благ, но доволно јасен и звучен метафизички квалитет. Женските фигури се елегантни, со Модилјаниевски издолжени вратови, без истите да изгубат од својата поетика и семантика“, се посочува кон изложбата која е дел од програмата за работа на Центарот за 2021 година, а поддржана од Министерството за култура.

Ниче Василев роден е во с. Дабиље, Струмичко. Академија за ликовна уметност завршил во Варшава во 1978 година во класата на Лудвиг Мачионг. Во 1971/72 студирал на Националната академија на факултетот за применети уметности во Софија. Член е на ДЛУМ од 1980 година, а живее и работи во Струмица. Реализирал над 30 самостојни изложби во Македонија и во странство. Учествувал на групни изложби и ликовни колонии во земјата и во Бугарија, Послка, Србија, Грција, Франција, Словенија. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои наградата Димитар Пандилов на ДЛУМ, наградата Методија Иваноски Менде на КИЦ, Гран при на Остен – Светска галерија на цртежи во 2013, Уметник на годината 2013 е прогласен во 2014 на Светска галерија на цртежи.