Во Петровец има услови за голф-терени, се чекаат сериозни инвеститори

116

Досега имало тројца заинтересирани инвеститори од Англија, Холандија и од Бугарија, кои барале земјиште со површина од над 100 хектари и на кои градоначалникот им покажувал земјиште од трета до четврта класа во Чифлиг, место викано Кисела Вода, помеѓу ’Ржаничино и Долно Коњари, од десната страна, кое, како што вели тој, е на височинка и е погодно токму за голф-терени. Но, инвеститорите не се вратиле. – Овде има одводен канал и доколку се затвори, може, по природен пат, да се оформат мали вештачки езерца, што ќе биде своевидна атракција – смета Митевски.

Уште во 2007 година, Општина Петровец донесе урбанистички план за мултифункционалната зона Ќојлија, во која беше предвидено на 203 хектари земјиште да се градат голф-терени, хотели и филмски град

Градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски, не се откажува од идејата да се изградат голф-терени која остана нереализирана. Како што објасни Митевски, заинтересираниот инвеститор за изградба на голф-терените во зоната Ќојлија, „Реј Пауер“ од Велика Британија, се откажал од оваа идеја и оваа зона кога дошол на чело на Општината пред 12 години, ја пренаменил во зона за незагадувачка индустрија, но вели дека и сега има заинтересирани инвеститори и ќе го овозможи тоа.

– Ако има сериозно заинтересирани инвеститори, јас ќе го дозволам тоа. Досега имаше тројца, кои бараа земјиште со површина од над 100 хектари. Имаше од Англија, Холандија, а последниот, пред една година, беше од Бугарија – истакна Митевски.

Тој додава дека им покажувал земјиште од трета и од четврта категорија (каде што житните култури се слаби) во Чифлиг, место викано Кисела Вода, помеѓу ’Ржаничино и Долно Коњари од десната страна кое, како што вели, е на височинка и е погодно токму за голф-терени. Но, инвеститорите не се вратиле.

– Овде има одводен канал и доколку се затвори, може, по природен пат, да се оформат мали вештачки езерца, што ќе биде своевидна атракција – смета Митевски.

Градоначалникот им препорачал на заинтересираните инвеститори да разговараат со претставници од Владата, од каде што треба да се добие одобрение за пренамена на земјоделско земјиште.

– Доколку добијам одобрение од Владата, веднаш би ја започнал постапката за пренамена на земјиштето. Освен тоа, комуналиите се минимални. Но, не знам од кои причини инвеститорите повторно не се појавија – објаснува Митевски.  

Инаку, уште во 2007 година, Општина Петровец донесе урбанистички план за мултифункционалната зона Ќојлија, при што беше предвидено на 203 хектари земјиште да се градат голф-терени, хотели и филмски град.

(А.П.)