Во Паркoт „Гази Баба“ сечеле шума под закрила на полицискиот час

452

Брмчење на пила во саботата ги вознемири граѓаните кои живеат во непосредна близина на Парк-шумата „Гази Баба“. Велат дека едно лица за време на 80-часовниот полициски час и кога сите седат дома во карантин, сечело дрвја и го расчистувало просторот во заштитена зона во Парк-шумата во близина до улицата „Душан Тасковиќ“ и новата црква. Од Инспекторатот на Град Скопје стигнала експресна реакција, направен е увид на посочената локација, земени се податоци од присутните и направена е фотодокументација, по што е стопирано натамошното работење

Брмчење на пила во саботата ги вознемири граѓаните кои живеат во непосредна близина на Парк-шумата „Гази Баба“. Велат дека едно лица за време на 80-часовниот полициски час и кога сите седат дома во карантин, сечело дрвја и го расчистувало просторот во заштитена зона во Парк-шумата во близина до улицата „Душан Тасковиќ“ и новата црква.

– Се симнав и лично му кажав што имав да му кажам. Ама запре само половина час. Дали требаше некој да му каже кога смее, а кога не смее да прави бучава. Па уште и ми вика, демек полициски час е (со други зборови, што барам надвор). Ништо лично, ама веќе сите граници се поминати. Ем дома затворени, ем пилите брмчат од утро до мрак, масакр направија – вели Мирјана Подолешова која случајот го пријавила до Инспекторатот на Град Скопје.

Од Инспекторатот стигнала експресна реакција и е стопирано натамошното работење.

– Лично излегов на терен заедно со мојот заменик Горан Трајчевски од Инспекторат на Град Скопје. Направен е увид на посочената локација, земени се податоци од присутните и направена е фотодокументација. Шумското обезбедување на Парк-шумата „Гази Баба“ исто така беше на лице место и тие ќе си направат записник. Стопирано е понатамошното работење, информира првиот човек на Инспекторатот на Град Скопје, Мирослав Богдановски.

Жителите се прашуваат дали со сечењето на шумата се прави подготовка за некаква градба и ако станува збор за заштитена зона дали смее да се дозволи нешто да се гради. Велат дека тоа е единствениот преостанат зелен појас во Скопје и дека цела Железара, Автокоманда, Јаја Паша, Чаир и Бутел и студентите од ближните факултети секој ден се движат и рекреираат во парк-шумата.

Бараат сторителот да биде казнет.

– Џабе целиот труд ако дрвјата се исечени, истите ги снемало, а никој не добие казна – коментира Данчо Стојановски.

Истиот ден, директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Адријан Муча на Фејсбук објави фотографии со коментар дека “Паркот Гази Баба е поубав од било кога“.

– Бескрајно сум среќен што со нашата работа, денес природата во паркот Гази Баба изгледа како природа во Белгија или кое било друго прекрасно место – напиша Муча.

За сечење дрвја за време на полицискиот час на друга локација информира и Слаѓана Стаменкова.

– Како што е оваа слика на исечени дрвја, истото се случи и на улицата „Анри Барбис“, пред зградите исечени се повеќе дрва и тоа во време на полициски час вели Стаменкова.

(С.Бл.)