Во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп во петок (17 јули) со почеток во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата на слики „Визии од детството“ од уметникот Горан Боев. Тој ќе се претстави со над 25 слики на кои се појавуваат различни фигури – мачка, куче, прозорец, цвеќе, дете…

“Тоа е портрет на едно минато време, портрет на моето детство. Што се однесува до техниката и ракописот, не се заложувам секоја слика да ми помине низ ист сликарски третман. Некогаш сликам со наслаги од боја, некогаш лазурно. Некогаш цртежот е изразен и експресивен, некогаш суптилен и геометриски. Некогаш е комбинација на се‘ во се‘. Не се грижам премногу за стилот но тоа не значи дека оставам се‘ на случајноста“, вели авторот…

Боев е роден на 1982 година во Кавадарци. Факултет за ликовна уметност (ФЛУ) и магистерски студии завршува во Скопје. Извесно време работи во високо и средно образование, а моментално е наставник по ликовно образование во основно училиште. Се занимава и со црковен живопис и иконографија. До сега има реализирано над десеттина изложби во земјата и учествувано на многу групни изложби во земјата и странство.