Во Македонски Ерусалим од 10 до 14 октомври – со Гастро-Мак – Не се грижи, биди Охрид! („Don’t Worry, Be Ohrid!”)

439

Во октомври, од 10 до14, кога ќе се збогуваме од ова топло лето, во Охрид ќе се случува најголемиот гастрономски спектакл! Настан кој едноставно, не смее да се пропушти. На средбата со новинарите од Асоцијацијата на готвачи и шефови на кујни од Македонија – Гастро-Мак и со шефицата Претседателката на Гастро-Мак Адријана Алачки кажано е дека сидрото е фрлено во хотелот “Нова Ривиера“. Таму на кулинарскиот настан ќе присуствуваат околу четиристотини учесници – натпреварувачи, судии и почесни гости, медиуми, како и гастрономски амбасадори од 150 држави во светот.

Натпреварот годинава ќе се одвива под мотото “Не се грижи, биди Охрид!”. Логистички поддржан од WACS – World Association of Chefs Societies, Светската организација на шефови на кујни, асоцијација која што ги обединува националните кулинарски здруженија. – Со оглед на одличните одјеци во пошироката јавност за нашите проекти од минатите година, почестени сме да ве информираме дека оваа година манифестацијата ќе ја поткренеме на уште повисоко рамниште! Светската гастрономска јавност со месеци зборуваше во суперлативи за минатогодишниот настан, така што и годинава, во Охрид, мораме да го одржиме и да го надминеме заслуженото реноме. Со домаќините – Општината Охрид и Хотелот “Нова Ривиера“ – сигурни сме дека и оваа година ќе направиме настан за долго паметење, изјави Адријана Алачки пред новинарите. Настанот ќе биде следен од многу домашни и странски медиуми, секако и од нашиот “Вечер“/vecer.press

– Овој настан има за цел да ја поттикне и унапреди гастрономската понуда и да ги промовира техниките за подготовка на храна, кои ги применуваат најпознатите светски готвачи. Ние како локална самоуправа и јас како градоначалник, секогаш ќе бидеме подготвени за поддршка на вакви настани, кои се во насока на промоција на Охрид како туристички центар и настани кои придонесуваат за збогатување на туристичката понуда на нашиот град и кога не е шпицот на летната туристичка сезона, изјави градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески. Одговорните во Хотелот “Нова Ривиера“ се убедени дека ќе бидат и повеќе од добри домаќини на светската гастрономска елита. „Ќе направивме сè што е можно и неможно организацијата и натпреварувањето на Гастро-Мак 2019 да помине во најдобар ред“, вели директор на Хотелот „Нова Ривиера“, Јане Тодороски…..