Во Лешница на Шара протестен собир против изградба на хидроцентрали

53

Планинари на неколку планинарски спортски клубови од Скопје и Тетово денеска во месноста Долна Лешница на Шар Планина изразија револт од почетокот на изградбата на мала хидроцентрала на ова познато излетничко место.  Тие на неколку начини упатија пораки до јавноста да се спречат ваквите градби кои неповрантно ја уништуваат природната околина.

 Преку транспаренти на кои пишуваше Спас за Лешница, преку повици: „Запрете ја хидро-мафијата“ и „Не го уништувајте срцето на Шара“ како и преку видео обраќање побаравме надлежните државни институции итно да ја запрат изградбата на овој објект, трајно ќе ја уништи реката Пена. Планинарите потоа на самото градилиште на хидроцентралата на Лешница симболично формираа две вкрстени линии кои треба симболично да го прешкртаат овој градежен зафат, кој, според нив, го уништува најубавото место на Шар планина, соопштија од иницијатава „Зелен фронт против изградба на хидроцентрали“.

Користа од овие објекти е само на малкумина, а штетата за сите, потенцираат активистите.

 

Како Зелен фронт на граѓани, планинари, мештани на шарпланинските села, еко-активисти, љубители на планината, со денешниот собир сакавме да го искажеме нашиот одлучно НЕ против малите хидроцентрали на Шар Планина! Малите ХЕЦ прават неповратна еколошка штета, а корист имаат само поединци, кои, користејќи ја поврзаноста со државните и финансиските институции, се обидуваат да профитираат уништувајќи ја природата. Ставот на Зелениот Фронт против малите хидроцентрали е дека тие се екоцид-односно злосторство против природата. Со нив се уништува живиот свет во реката и нејзината околина, се нагрдува природната средина и се загрозува водоснабдувањето на многу градски и селски населби во шарскиот и полошкиот регион, соопштија учесниците во протестот.

„Зелен фронт против изградба на хидроцентрали“ бара активно и итно вклучување на Владата со цел да се преиспитаат издадени одобрувања за градење на вакви објекти во планините.

ие, како граѓани, загрижени за судбината на шарските реки, бараме од Владата итно да ја запре изградбата на малите хидроцентрали и да се преоценат издадените дозволи и концесии за нивна изградба врз база на реални проценки на нивното влијание врз животната средина. Сметаме дека е ова уште поважно со оглед дека е во тек завршната фаза од прогласувањето на Шар планина за национален парк, соопштија денес по акцијата од Зелен фронт.

Извор:МИА