Политичките прашања беа во втор план на состаноците на премиерите на Македонија и на Бугарија денеска во Софија, каде што се одржа прва  меѓувладина седница на двете држави. Во прв план биле транспортот и економијата, и останатите теми кои ги покриваат работните групи со конкретни проекти во дадените области.

Премиерот Димитар Ковачевски ја оцени заедничката седница на владите како успешна и очекува веќе за шест месеци конкретни резултати од работните групи.

„Имавме успешна и плодна седница на двете влади. Ги формиравме петте работни групи и започнуваме со реализација на проекти од интерес на граѓаните на двете земји. Ваквата соработка ќе значи зближување на двете држави и конкретни придобивки за поквалитетен живот на нашите граѓани. Она што сакам да го истакнам е дека членови и копретседавачи на овие групи, во најголем дел, се министрите во двете влади. Со тоа, обезбедуваме силна политичка поддршка за имплементација на зацртаните проекти, која ќе резултира со силен интензитет и брза реализација. Очекувам веќе за шест месеци во сите области да покажеме конкретни резултати“, вели  Ковачевски.

Тој додава дека средбите со бугарскиот премиер Кирил Петков и министрите од двете влади го увериле дека постои волја кај двете страни за брз напредок во меѓусебните односи.

„Добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветиме на работи кои беа заборавени последните години. Меморандумите што беа потпишани денеска, имаат еден краен резултат, а тоа е економски развој на целиот регион“, порачаа двајцата премиери на заедничка прес-конференција во Софија.

Тие не зборувале за некаков конкретен политички договор, туку напоменаа дека и двете држави имаат министерства за надворешни работи, кои работат со полн капацитет и во моментот кога ќе се приближат ставовите за некое од политичките прашања, јавноста навремено ќе биде известена.

Во однос на внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, Ковачевски истакна дека со оглед на тоа што во него, освен македонскиот, се впишани и другите заедници, нормално е и граѓани кои се самоопределуваат на друг начин да побараат да бидат дел од Уставот. Тој нагласи дека тоа е процес кој поминува низ фазите на уставни измени и во кој се вклучени повеќе институции.

„На патот на една држава кон Европската Унија се отвора Уставот, со цел да се направат и други адаптирања на Уставот и тогаш врз основа на тоа ќе бидат опфатени и тие прашања согласно со барањата на граѓаните“, нагласи Ковачевски.

Во однос на политичките прашања, нагласи премиерот Ковачевски, успешен критериум е доколку успееме низ разговор на сите овие комисии, нормално низ еден политички дијалог на владите, да постигнеме договор и во догледен период да имаме прва меѓувладина конференција со Европската Унија.

Двајцата премиери оценија дека е добро што веќе има план за неделни средби на секторските групи и дека брзо може да се постигне сето она што е испуштено во изминатиот период.

„Имаме веќе три реални потпишани меморандуми за многу клучни прашања – прашања од областа на земјоделството, малите и средните претпријатија и развој на железничката врска Софија – Скопје. Тоа е пример за новиот пристап којшто ние го даваме со нова енергија и реални резултати“, рече бугарскиот премиер Петков, додавајќи дека има огромна синергија и предности за добрососедство.

Тој најави дека на првите средби на работните групи ќе присуствуваат и претставници од стопанските комори, и од образовните и од културните институции.

Двајцата премиери изразија задоволство и од Историската комисија која, како што посочија, ќе ги интензивира активностите во следниот период.

„Историската група кажа дека ќе има барем три средби следните четири месеци. Многу интензивна работа меѓу средбите и тие имаат оптимистички поглед кон заедничките задачи“, изјави Петков.

Следната средба на работните групи ќе се одржи за една недела. Работните групи беа утврдени на 18 јануари, при посетата на бугарската владина делегација, предводена од Петков, на Скопје.

(И.С.)