Во Куманово почна тестирањето со брзите тестови за Ковид

40

Почна тестирањето со брзите антигенски тестови за Ковид 19 во Куманово, информираа денеска надлежните од Здравствениот дом кои го спроведуваат тестирањето.

Сите термини од матичните лекари од вчера се пополенти и денеска се извршени 60 тестови.

– Започнавме со тестирање и спроведување на брзите антигенски тестови кои претходно ги добивме од Министерство за здравство. Добивме 250 тестови, дневно закажуваме по 60 пациенти, тие доаѓаат на пет минути, со претходно закажан термин од матичен лекар. Тестовите се работат за 15 минути, во рок од два часа ние ги враќаме електронски до матичните лекари, изјави лекар од Здравствен дом Куманово, Милена Спасовска Димовска, специјалист по биохемија.

Таа појаснува дека по земениот брис лаборантот го работи во посебна просторија, се евалуира позитивен, негативен, се внесува во нивната евиденција и резултатот се праќа кај матичните лекари.

– Има интерес и очекуваме дополнителни тестови-вели Спасовска Димовска.

Тестирањето се спроведува во објектот на Здравствениот дом во кругот на кумановската болница, спроти невролошкото одделение.