Во Кино Култура: Книжевно промотивна вечер со Ќорвезироска

107

Во Кино Култура на 6 декември, со почеток од 20 часот ќе се одржи книжевно промотивна вечер со Оливера Ќорвезироска, посветена на нејзиниот најнов роман  „Аб’т – роман длабок 18 метри“ во издание на „Или-Или“.

Покрај авторката, на оваа промотивна вечер ќе учествуваат и актерот Јовица Михајловски и писателот Владимир Јанковски, кој ќе го води разговорот.

„По илјадници страници во светската книжевност напишани на темата семејни драми, Ќорвезироска напишала роман за сложеноста на семејните драми, докажувајќи дека не постои тема во книжевноста која претходно е обработена, а на која не може да се пишува на нов, автентичен, добар, сопствен начин“, ќе посочи Владимир Јанковски кон книгата, а Елизабета Баковска ќе истакне дека романот „Аб’т“ е досега најкумановско дело на авторката и токму затоа, тој е и најличната, најинтимната и најхрабрата од нејзините книги.

Оливера Ќорвезироска (1965) е македонска писателка и критичарка, добитничка на повеќе книжевни награди и авторка на 16 книги (раскази, романи, книги за деца, книжевна критика).