Во кафеана без ковид-сертификат и со неограничен број гости?!

Укинување на ковид-сертификатите предлагаат епидемиолозите, според кој крајно време е да се укине оваа обврска, а на луѓето да им се дозволи слобода на движење. Угостителите бараат Комисијата за заразни болести да и препорача на Владата да се укине оваа мерка и кај нас и да се овозможи рамноправност, еднаквост и слобода на движењето на сите граѓани. Оваа мерка, како што велат им создаде дополнителни проблеми поради проверка на гостите дали имаат серификат, намален број на гости, смалени приходи... Угостителите бараат и укинување на обврската за ограничување на бројот на гости и да останат само основните препораки за заштита од ковид-19

2700

Многу земји во светот најавуваат укинување на ковид-ертификатите, а ова подолго време го бараат и епидемиолозите во државата. Тие сметаат дека треба да запре обврската за покажување на ковид-сертификати за влез во угостителски објекти и да не се ограничува слободата на движењето на граѓаните. На угостителите пак, воведувањето на оваа мерка им создаде дополнителни проблеми поради проверка на гостите дали имаат сертификат, намален број на гости, смалени приходи кои резултираа со ненадоместливи штети и загуби. Сепак министерот за здравство, Беким Сали смета дека сè уште е рано за укинување на ковид-сертификатите, бидејќи нивото на вакцинација кај нас е многу ниско за разлика од европските земји кој предлагаат вакви мерки.

Но епидемиолозите сметаат дека веќе е крајно време да се укине обврската за сертификати и оти не треба веќе да ги малтретираат луѓето и да им забрануваат слободата на движење.

-Уште кога се најави мерката за влез во угостителски објекти само за гости кои поседуваат ковид-сертификати укажавме дека мерката е нелогична, бесмислена и селективна и угостителите се искористуваат директно и индиректно да се создаде притисок врз граѓаните да се вакцинираат доколку сакаат да го одржат својот социјален живот во наредниот период. Самата мерка не допринесе ништо позитивно и дополнителна заштита во ширењето на ковид-19 затоа што угостителските објекти веќе работеа согласно посебни протоколи за работа кои се покажаа дека доколку се почитуваат се сосема доволни за превенција од ширење на вирусот. Воведувањето на ковид-сертификати беше мерка наменета кон гостите која на угостителите им создаде само дополнителни проблеми и смалени приходи кои резултираа со ненадоместливи штети и загуби и драстично намален број на гости, вели за ВЕЧЕР, Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.

Изминатиот период се повеќе епидемиолози и микробиолози укажуваат дека ковид сертификати не ја вршат својата намена и предлагаат нивно најбрзо можно укинување. Некои земји ги прифатија овие насоки и препораки и веќе донесоа одлуки за укинување на потребата од оваа селективна мерка која нанесе раздор и поделба помеѓу граѓаните.

-Ковид сертификатите се комплетно смешни во ерата на Омикрон сојот од Sars-Cov-2. Ајде да бидеме меѓу првите кои времено ќе ги суспендираме, барем на територијата на Македонија. Место барање на ковид-сертификат на влезовите, денес многу поцелисходно е термокамера т е. мерење на телесната температура, напиша на фФејсбук, доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

И микробиологот Никола Пановски смета дека сертификатите никогаш не требаше да се донесат, не треба веќе да ги малтретираат луѓето и да им забранува движењето.

Поради тоа, угостителите бараат Комисијата за заразни болести да не одолговлекува и да чека други земји да се приклучат во укинување на ковид-сертификатите, туку веднаш да и препорача на Владата да се укине оваа мерка и кај нас и да се овозможи рамноправност, еднаквост и слобода во движењето на сите граѓани.

-Но, не само укинување на сертификатите, очекуваме Владата да донесе одлука со која ќе се укинат и дел од останатите протоколи за работи како што е ограничувањето на бројот на гости и да се задржиме на основните глобални препораки за превенција и заштита на личното и јавното здравје, смета Јосифовски.

Сепак надлежните сметаат дека се уште е рано за укинување на ковид-сертификатите, бидејќи нивото на вакцинација кај нас е многу ниско за разлика од европските земји кој предлагаат вакви мерки.

(А.С.)