Во просториите на книжарницата Икона парк, вечерва (26 август) во 19 часот,

ќе биде промовирана книгата “Спокој“ од Атила Бартиш.

Мајка и син живеат заедно во стан во Пешта. Мајката некогаш била славна актерка, но веќе петнаесет години не излегува од станот. Загрижена и преплашена, строго го набљудува секој чекор на синот, кој станува писател. И додека надвор полека се урнисува целиот политички систем, станува сосема јасно дека синот веќе никогаш нема да се ослободи од мрежата исткаена од омраза и страст.

Ниту кога по безначајните авантури, еден ден на мостот Слобода ќе ја сретне Естер Фехер…

Бартиш (1968), е унгарски писател и фотограф, роден во Трансилванија, Романија. Од 1984 г. живее во Будимпешта, а од 2014 г. често престојува во Индонезија. Првиот роман го објавува на дваесет и седум години, а досега најголем успех постигнува со романот Спокој (2001); според кој е снимен истоимениот филм. Неговите книги се преведени на повеќе јазици. Неговите фотографии се дел од многу самостојни и групни изложби.