Во галеријата „Акантус“: Изложба „Панта реи“ на Бојан Ковски

169

Во галеријата „Акантус“ во Скопје, на 21 ноември (12 часот), ќе биде отворена изложбата на младиот македонски уметник Бојан Ковски. Уметникот ја зел како зачеток мислата на Хераклит: сè тече.

„Ковски со страст се посветува на овој циклус масла на платно каде што искрено им се предава, а пред нас се ‘разголува’. Долготрајниот процес на создавање на делата, од поставување, сликање, до градење на пастата која до тридимензионална форма излегува од рамките на класичниот процес на сликарството, не воведува во неговата посебност на записот. Авторот нè воведува во неговата занесна игра со боговите, со нивната симболика, со нивната рајска самодопадливост, а ни ја доближува и нивната божја дрскост. Земските благодати, оние од природата, оние на љубовта, на возвратената љубов, на љубовта по која трагаме, во својата совршена улога на склад и убавина до соблазнување, нè внесуваат во потребата од космичка правда и складност“, се вели во најавата на изложбата.