EPA-EFE/VASSIL DONEV

Слаб интерес и излезност на гласачите во Македонија за бугарските парламентарни избори. Според резултатите, јасно е дека власта во Бугарија ќе се менува, но нема да има промени во односите кон Македонија, сметаат аналитичарите. Можност да формира Влада прва ќе има коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов, но, како што посочуваат добрите познавачи на состојбите, ниту новата бугарска Влада нема долго да трае.

Парламентарните избори во Бугарија, според дипломатот Ристо Никовски, покажале дека повторно не може да се очекува стабилна Влада и во кус период повторно ќе има избори.

– Излезноста, која овој пат е помала од кога било, уште повеќе ќе се намали и Бугарија ќе влезе во еден маѓепсан круг од кој многу тешко ќе излезе. Не изненадува дека овој пат Македонија не беше тема на изборите, бидејќи Бугарија веќе го реши тоа прашање на еден нецивилизиран и антиисториски начин, го постигна невозможното, бидејќи сите нејзини барања влегоа во преговарачката рамка и тоа не е веќе актуелно во Бугарија – изјави Никовски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека кој и да победи во Бугарија, каква и Влада да се формира, односот кон Македонија нема да се промени.

– Таму има целосен консензус и меѓу политичките партии, а дури и народот е на иста страна дека Македонија може да влезе во Унијата само доколку се откаже од својот национален идентитет, од Македонците, без македонскиот јазик и со заедничка историја. Што ќе значи дека ние сме со бугарски корени. Мислам дека единствен излез е Македонија да го откаже договорот за (не)пријателство и итно да се почне нова политика во однос на Бугарија. Унијата нема да се проширува уште најмалку 10 години, а нашите преговори ќе траат веројатно 20-ина, ако не и повеќе години. Значи, има време да се почне од почеток и да се работи долгорочно на влез во Унијата – дециден е дипломатот Никовски.

И проф. Стојко Стојков смета дека нема да има промени во меѓусебните односи по изборите што се одржаа во неделата, а слабата излезност на гласачите во Македонија потврдува дека бугарските паспорти не значат и бугарски идентитет.

– Излезеноста во Македонија зборува за тоа дека бугарските државјанства немаат врска со бугарскиот идентитет на луѓето. Единственото добро од резултатите во Бугарија е што ВМРО-БНД не влезе – коментира проф. Стојков за весникот ВЕЧЕР.

Во Македонија гласале само 462 лица, иако во седум града биле дистрибуирани по 500 гласачки ливчиња или вкупно 3.500, според податоците на бугарската Централна изборна комисија (ЦИК). Се гласаше на избирачки места во седум града: Скопје, Битола, Велес, Кавадарци, Охрид, Прилеп и Струмица.

Најмногу гласови во Македонија освоила коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов, вкупно 127 гласа, втора е партијата ВМРО – Бугарско национално движење на Красимир Каракачанов, која има 91 глас, а на третото место е Продолжуваме со промените (ПП) на Кирил Петков, која на гласачките места во земјава освоила 69 гласа, покажуваат податоците на ЦИК.

ГЕРБ најмногу гласови има освоено во Скопје – 51, а најмалку во Велес – 3 , додека на избирачкото место во Струмица, партијата на Бојко Борисов освоила 27 гласа. Второпласираната ВМРО на Красимир Каракачанов најмногу гласови добила во Кавадарци – 41, во Охрид 23, во Битола 16, во Скопје осум. Партијата на Кирил Петков, Продолжуваме со промените, добила најмногу гласови во Скопје – 43, додека 16 гласа освоила во Струмица.

Според податоците на Централната изборна комисија, објавени утрово, во Парламентот влегуваат седум политички формации, јави БТА.

Со обработени 99,40 отсто од гласачките ливчиња, најмногу гласови на изборите во Бугарија добила коалицијата ГЕРБ-СДС со 25,37 отсто (632.097 гласови).  Коалицијата „Продолжуваме со промените“ е на второто место со 20,21 отсто (503.549 гласови). На третото место е Движење за права и слободи – ДПС со 13,66 отсто (340.211 гласови).

По нив следува партијата Преродба со 10,17 отсто (253.321 глас), а по неа е БСП за Бугарија со 9,32 отсто (232.101 глас). Демократска Бугарија – обединување има 7,46 отсто (185.753 гласа) и Бугарски подем – 4,64 отсто (115.588 гласови).

Има таков народ доби поддршка од 3,83 отсто од гласачите (95.505 гласа), што е под прагот од 4 отсто за освојување пратенички мандат во бугарското Собрание.

Опцијата „не поддржувам никого“ ја избрале 87.378 гласачи.

На предвремените парламентарни избори во Бугарија, кои беа четврти по ред во последните 18 месеци, гласале нешто повеќе од 2,5 милиони Бугари, што е најниска излезност во последните 33 години.

(И.С.)