Во близина на Визбегово никнува нова мини дива депонија од градежен шут

834

Комунални редари и инспектори од Инспекторатот на град Скопје викендов воведуваа ред, дисциплина и едукација на посетителите на скопската Зоолошка градина.

И додека им пишуваа санкции на оние кои не ја одржувале јавната чистота и урбаната опрема во Зоолошка, а и опоменуваа за непочитување на ковид мерките, далеку од очите на инспекторите, во скопско Визбегово се створила нова мини дива депонија од градежен шут. Совесни граѓани ја снимиле случката на која се гледа како камион истовара градежен шут и фотографиите без објавени на Фејсбук.

– Додека од Град Скопје се фалат дека се чисти депонијата во Шуто Оризари, од другата страна си фрла отпад кој како сака – велат од 02 Иницијатива.

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) испрати барање до градоначалниците на Општина Шуто Оризари и Град Скопје, да преземат итни мерки за расчистување на депонијата во Визбегово, но и за соодветно да се уреди земјиштето, по извршен вонреден инспекциски надзор на 23 декември на кој утврдуваат прекршување на Законот за управување со отпад.

– Лани на 25 декември пред камери се најави голема акција за расчистување на дивата депонија во Визбегово, која претставува повеќедецениски еколошки проблем за Скопје, а особено за жителите на околните општини Шуто Оризари, Бутел и Чучер Сандево. Од оваа депонија која се протега на површина од 10 хектари (околу 10 фудбалски игралишта) ќе бидат расчистени околу 50.000 кубни метри шут и комунален отпад – најави тогаш градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов.

Од 02 Иницијатива велат дека додека трае чистењето на депонијата во Визбегово, во близина си се создава нова депонија.

– И никако не е јасно како е возможно воопшто да не се приметат камиониве кои си истоварат во непосредна близина. Каде се локалните инспектори и тие од град Скопје, нели ќе ги здружеа силите и немаше да се толерира несовесното постапување од страна на поединци, или изјавите се само за пред камери градоначалнику Петре Шилегов – прашуваат од 02 Иницијатива.

Лани во ноември имаше интервенција на Инспекторатот на Град Скопје кога на лице место беше затекнат камион што исфрлаше градежен шут во долот помеѓу Трнодол и Шпанско село во близина на германската амбасада. Тогаш од Инспекторатот изјавија дека на сторителот ќе му биде изречена највисоката законски предвидена глоба и задолжување да го врати теренот во првобитна состојба.

(С.Бл.) – Фото: ФБ