Во Автокоманда почна со работа нова бензинска станица од брендот ОКТА

417

Инвестицијата е пет милиони евра и 70 нови врабоувања. Потрошувачи овде можат да најдат сè на едно место – горива со врвен квалитет, одлична услуга, автоперална, мини маркет и светски познат ланец на храна КФЦ Македонија

Започна со работа новата бензиска станица со брендот ОКТА лоцирана во населбата Автокоманда. Лесно достапна за возачите, опремена со четири пумпи со најсовремена технологија, бензиската ќе понуди горива со врвен квалитет и интересни содржини за сите посетители. Со ова, малопродажната мрежа од брендот ОКТА се зголеми на вкупно 27 бензиски станици распространети низ целата држава.

– Семејството на ОКТА стана побогато со својот 27. член. Со извонредниот дизајн и иновативната технологија, оваа бензинска станица веднаш ќе прерасне во препознатлив симбол на градот. Сега нашите потрошувачи можат да најдат се на едно место – горива со врвен квалитет, одлична услуга, автоперална, минимаркет и светски познат ланец на храна КФЦ „Македонија“. Со гордост можам да кажам дека тука нашите горива се проверени до последна капка – изјави Јанис Геруланос, извршен директор на ОКТА.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека новата бензинска станица е инвестиција од 5 милиони евра и донесе 70 нови вработувања.

– Ние како Министерство за економија континуирано ги поддржуваме нашите домашни претпријатија со цел да ги зголемат нивните инвестиции, тука во Северна Македонија. Владата е посветена на домашниот бизнис, а тоа го покажавме со Планот за економски раст. Оваа инвестиција уште еднаш покажува дека креираме бизнис-клима во интерес на бизнисот. На инвеститорите им посакувам успешна работа, да продолжат со зголемување на инвестициите во Северна Македонија што ќе значи отворање на нови работни места, подобри услуги за граѓаните, но и да продолжат да работат и да станат регионални играчи за снабдување со деривати и природен гас – нагласи Бектеши.

Инвестицијата ја поздрави и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.

(С.Бл.) – Фото: П.С.