ВНИМАВАЈТЕ! Измамник во Аеродром изнудува пари од повозрасни скопјани со лага за сообраќајки

198

Повозрасни скопјани вчера во полициската станица во Аеродром, пријавиле два случаи на измама од човек кој им се јавувал дека нивните деца предизвикале сообраќајна несреќа и на тој начин од нив изнудувал поголеми парични суми.

„Вчера  во 20:30 часот во Полициската станица Аеродром, 84-годишна скопјанка пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 60.000 денари и 1.700 евра. Според пријавеното, лицето ѝ се јавило околу 17:30 часот и ја известило дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа во која починало дете и доколку сака да ја спаси од затвор ќе треба да му даде пари. Како што е пријавено, тие се договориле, по што му ги дала парите, а откако ќерка ѝ дошла дома таа сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 22:00 часот во Полициската станица Аеродром, 74-годишен скопјанец пријавил дека тој и неговата сопруга биле измамени од едно лице за сума од 3.500 евра. Според пријавеното, лицето им се јавило околу 09:15 часот и ги известило дека нивниот син предизвикал сообраќајна несреќа во која починало дете и доколку сакаат да се спаси од затвор ќе треба да му дадат пари. Како што е пријавено, тие се договориле и му ги дале парите, но подоцна сфатиле дека се измамени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ – стои во извештајот од МВР.