Влезот во Тетовското кале ќе се заштити

145

На симболот на градот Тетово, познатото Тетовско кале – Бал Тепе по завршувањето на административните процедури ќе почнат активностите за непосредната заштита, односно конзервација на влезната партија во тврдината. На Тетовското кале вчера беше министерот за култура Хусни Исмаили, кој оствари работна посета на повеќе институции од областа на културата во Тетово, каде што се информираше за текот на реализацијата на проектите од сите дејности во културата.

Како што соопшти Министерството за култура, во рамки на посетата Исмаили се запозна и со текот на изградбата на објектот на културно-образовниот центар во кој ќе биде сместена библиотеката и театарот од овој град. Тој истакна дека со реализацијата на проектот за изградба на објектот, граѓаните на Тетово ќе добијат ново репрезентативно место за остварување на културните активности, место во кое љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во творештвото на врвните уметници, а воедно ќе се овозможи и зачувување на големото културно и книжевно богатство што го поседува овој град.

Исмаили го посети и Музејот на тетовскиот крај, каде што од директорот на оваа институција беше информиран за текот на реализацијата на проектите кои се поддржани од Министерството за култура во рамки на Годишната програма.