Влажни шамичиња и памперси ја затнуваат пречистителната станица во Куманово

168

Влажни шамичиња, пелени за еднократна употреба што кумановци ги фрлаат во канализација, ја отежнуваат работата на кумановската пречистителна станица и ги зголемуваат трошоците на комуналното претпријатие „Водовод“.

– Овие влакнести материјали, кои преку канализацијата и покрај системот за отстранување на механички отпад, успеваат да влезат во системот на станицата, ја отежнуваат работата и ги зголемуваат трошоците за одржување – соопштија надлежните од „Водовод“.

Оттаму појаснуваат дека посебно се отежнува работата на милните и фекални потопни пумпи, кои и покрај тоа што се конструирани само за отпад во фекална канализација, со леснотија се справуваат и со цврсти отпадни материјали, но немоќни се кога е во прашање текстилен отпад, што доведува до чести дефекти и потреба од редовно сервисирање.

– Освен влажните марамчиња и влакнестите ткаенини, тешкотии во прочистување на комунална отпадна вода во станицата предизвикува и вода од непознати извори, чии концентрации на влезни параметри се поголеми од проектираните максимално дозволени концентрации за влезна отпадна вода. Индустриските води треба да имаат сопствен преттретман пред да се испуштат во канализација  за да не доведат до отежнато биолошко прочистување, кое е основа на процес за пречистување во станицата – појаснуваат од „Водовод“.

 

Од претпријатието соопштуваат дека третманот на комуналната отпадна вода има позитивно влијание врз животната средина.

– Пречистената вода спуштена во природниот воден систем не претставува опасност за животот и здравјето на човекот и нема да предизвика несакани промени во околината – додаваат од кумановското претпријатие и уште еднаш повикаа на совесност од граѓаните и правните субјекти.