Владиката Партениј присуствуваше на премиерата на документарниот филм за Вселенскиот Патријарх

84

Во саботата, во киното Олимпион во Солун, се одржа првата светска премиера на документарниот филм „Вселенскиот Патријарх Вартоломеј – Триесет години служба“, изјави за МИА, сестра Ефимија.

-На првата светска проекција присуствуваше и нашиот старец, епископ г. Партениј, на покана на претседателот на патријаршиската установа за Отечки истражувања и иницијатор за снимање на филмот, неговото преосвештенство епископот Аморејски г. Никифор, игумен на Патријаршискиот манастир на Влатадите во Солун, рече таа.

Додаде дека на промоцијата присуствувале многу видни личности од црковниот, политичкиот, научниот и општествениот живот во Солун и пошироко.

Според неа, документарниот филм за патријархот Вартоломеј се состои од сведоштва на многу значајни личности од меѓународната политика, на црковни и религиски светски водачи, како и од автобиографско интервју на самиот Патријарх.

-Накратко, во педесет минути, документарецот се обидува да го допре, макар и со врвот на прстите, животниот тек на Вселенскиот Патријарх во неговото триесетгодишно архиерејство на Константинополскиот престол, изјавил деканот на Теолошкиот факултет, г. Хризостом Стамулис.

Проекцијата на филмот, посочува сестра Ефимија, се реализирал со поддршка на Солунскиот филмски фестивал.

-Се вбројува во серијата почесни манифестации кои имаат за цел да го претстават повеќестраното дело на Вселенскиот Патријарх, неговата Сесветост г. г. Вартоломеј Ι, по повод навршувањето на триесет години од неговото патријархување, како и улогата на Вселенскиот Патријарх во современиот свет.

Документарецот е реализиран од страна на Теолошкиот факултет при Аристотеловиот универзитет во Солун и од Патријаршиската установа за Отечки истражувања.