По префрлањето на топката меѓу Комисијата за заразни болести и Државниот завод за статистика кој е надлежен да каже дали пописот може да се реализира или не, вчера од Владата категотични: попис ќе има, а сите мерки за негово безбедно спроведување се обезбездени. Тврдат дека граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени, а строгите протоколи биле гаранција дека нема потреба од негово одлагање.  Од  Државниот завод за статистика, во врска со можноста за одложување на пописот поради растот на бројот на новозаразени, укажуваат дека ДЗС не е тој што може да побара или да даде препорака за тоа и дека работи по утврден план и протоколи донесени од Владата. Посочи дека на дневна основа ќе добиваат податоци за новодијагностицирани лица по општините. На прашањето колку домаќинства попишувачите на терен ќе  посетат  во текот на истиот ден и колку време им е потребно да ги соберат сите информации во едно домаќинство, од  ДЗС, потенцира дека според протоколот секој попишувач ќе има обврска пред влегувањето во секое домаќинство да се дезинфицира.

 

 

 

По префрлањето на топката меѓу Комисијата за заразни болести и Државниот завод за статистика кој е надлежен да каже дали пописот може да се реализира или не, вчера од Владата категотични: попис ќе има, а сите мерки за негово безбедно спроведување се обезбездени. Тврдат дека граѓаните и попишувачите ќе бидат заштитени, а строгите протоколи биле гаранција дека нема потреба од негово одлагање.

-Гаранција дека нема да има потреба од одлагање на претстојниот Попис на население, домаќинства и станови е строгиот протокол, кој што се запазува, како и соодветната обука на попишувачите и пописните тимови. Целиот фокус на Владата е во таа насока, изјави портпаролот на Владата, Душко Арсовски. Сите одлуки, посочи, Владата ги донесува врз основа на став на Комисијата за заразни болести, кој се разгледува на главниот Координативен кризен штаб, од каде што заклучоците одат на седница на Влада.

– Апсолутно ќе се следат препораките на Комисијата за заразни болести, како и за многу други случаи во однос на безбедносни ризици. Во овој момент сите сили се насочени кон тоа да се почитуваат протоколите и да се реализира пописот, изјави Арсовски.

На прашањето дали Владата размислува за нов Закон со кој би се одложил Пописот, доколку од која било причина дојде до таква потреба, Арсовски, повторно нагласи дека сите капацитети се насочени кон спроведување на пописот и дека неговиот успех го гарантира методологијата и здравствените протоколи.

Во врска со можноста за одложување на пописот поради растот на бројот на новозаразени, Јасмина Ѓоргиева од ДЗС, повтори дека ДЗС не е тој што може да побара или да даде препорака за тоа и дека работи по утврден план и протоколи донесени од Владата. Посочи дека на дневна основа ќе добиваат податоци за новодијагностицирани лица по општините. На прашањето колку домаќинства попишувачите на терен ќе имаат посетено во текот на истиот ден и колку време им е потребно да ги соберат сите информации во едно домаќинство, таа потенцира дека според протоколот секој попишувач ќе има обврска пред влегувањето во секое домаќинство да се дезинфицира.

–  Тоа значи дека треба да стави маска, да ги дезинфицира рацете и лаптопот и потоа да влезе во вашето домаќинство. Кога ќе излезе од вашето домаќинство повторно ќе го стори истото, така што сметаме дека почитувајќи ги овие правила нема причина за сомнеж да се случи можеби некој да го пренесе вирусот, појасни Ѓоргиева. Исто така, мерките за теренското попишување предвидуваат и задолжително носење заштитна маска КН95, во домаќинствата и за целото времетраење на попишувањето, задолжително одржување на пропишаната дистанца од 1,5-2 метри, забрана за вадење, поместување и менување на заштитната маска за цело времетраење на попишувањето во домот. Протоколот содржи и забрана за пиење и јадење за цело времетраење на попишувањето во домот, а попишувачот пред влегување во домаќинството задолжително да стави каљачи на обувките. За ковид позитивните кои се наоѓаат во болница или изолација, податоци ќе даваат членови на нивните домаќинства или семејства. Георгиева нагласи дека во краен случај доколку некое лице живее само, односно „нема семејство или домаќинство“, попишувачите со целосна заштитна опрема ќе влезат кај него дома и ќе го попишат, согласно утврдените протоколи за пописот.

Директорот на ДЗС, Апостол Симовски, претходно изјави дека евентуалното одложување на пописот само по препорака на Комисијата за заразни болести, таквата одлука не е во делокруг на Државниот завод за статистика, кој во моментов се раководи според постојниот оперативен план.

Процесот на самопопишување почна на 1 март и ќе трае до 21 април, а преку апликацијата се попишуваат македонските државјани кои престојуваат во странство, поради работа или други лични причини, до и подолго од 12 месеци. Досега, преку онлајн апликацијата за самопопишување од странство се евидентирани 82 106 лица, а процесот продолжува до 21 април. Од 1 март се попишуваат и дипломатите и нивните семејства, а од 1 до 15 март се попишуваа војниците на мисија, лицата што се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови, како и лицата бездомници.

Државниот завод за статистика објави и дополнителен трет јавен конкурс за ангажирање лица кои ќе учествуваат во спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, за кој заинтересираните кандидати треба да се пријават до 20 март 2021 година. (Е.А.)