Владата да ја доизгради Универзална сала, а потоа да му ја врати на Град Скопје

188

Владата да ја доизгради Универзална сала, а потоа да му ја врати на користење на Град Скопје. Во кратки црти, таква е целта на иницијативата на советничката група на СДСМ доставена до Советот на Град Скопје откако Министерството за култура го побарало тоа. Иницијативата ќе биде ставена на разгледување на седницата на Советот на Град Скопје што ќе се одржи в четврток. – Имајќи ја предвид важноста за што побрзо ставање во функција на Универзална сала, сметаме дека е нужно Советот на Град Скопје да донесе одлука за времено отстапување на корисничкото право на објектот од Град Скопје – се вели во иницијативата

 

Владата да ја доизгради Универзална сала, а потоа да му ја врати на користење на Град Скопје. Во кратки црти, таква е целта на иницијативата на советничката група на СДСМ доставена до Советот на Град Скопје откако Министерството за култура го побарало тоа. Иницијативата ќе биде ставена на разгледување на седницата на Советот на Град Скопје што ќе се одржи в четврток.

– Имајќи ја во предвид важноста за што побрзо ставање во функција на Универзална сала, сметаме дека е нужно Советот на Град Скопје да донесе одлука за времено отстапување на корисничкото право на објектот од Град Скопје на Владата и тоа е согласно со Законот за користење и располагање на ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост и Законот за градење – се вели во иницијативата.

Оттаму се повикуваат на таквото право, бидејќи со парите (два милиона евра) што ги даде Владата, досега се завршени некои од градежните интервенции на објектот. Доколку биде изгласана ваквата иницијатива, Град Скопје и Владата ќе склучат посебен договор со кој ќе се регулираат правата и обврските на двете страни. При тоа, Владата ќе продолжи со реконструкцијата на Универзална сала, обезбедувајќи ги потребните финансиски средства за таа цел.

На крајот, како заклучок на иницијативата, се задолжуваат градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, Секторот за правни работи и Секторот за урбанизам и планирање во рок од седум работни дена од усвојувањето на иницијативата да подготват предлог-одлука за времено отстапување на корисничкото право на објектот Универзална сала до Град Скопје на Владата и да му ја достават на Советот на првата наредна седница на усвојување. 

Од Министерството за култура истакнаа дека ќе почекаат да видат дали ќе помине иницијативата на седницата на Советот на Град Скопје за да можат да се изјаснат што понатаму.

Во ноември минатата година, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, по средбата со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на која присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, изјави дека има целосна согласност од неа Министерството за култура да ја преземе Универзална сала. Но, набргу од Градот Скопје, преку соопштение, информираа дека ќе се изјаснат околу ова прашање откако ќе добијат официјално барање од Министерството.

– Се договоривме дека ќе изнајдеме заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните и за тоа ќе ни се обрати Министерството со писмено барање, за што ќе се изјасниме откако ќе го добиеме официјалното барање. Универзална сала е симбол на Скопје и споменик на културата, и за нејзино возобновување е потребно издржано и заедничко решение, кое истовремено ќе биде и безбедно – стоеше во соопштението од Град Скопје.

Во февруари минатата година, градоначалничката Арсовска го припиша доцнењето на реконструкцијата на Универзална сала на грешки во проектната документација и опасност за безбедноста на граѓаните. Според неа, било предвидено да се постават новопроектираните конструктивни елементи врз трафостаница во рамки на постојниот објект, за која постои проблем да се дислоцира.

За внатрешноста на објектот, како што кажа Арсовска, од претходното раководство не бил оставен проект, а не биле префрлени ниту пари од Владата. Градоначалничката очекуваше Министерството за култура и Владата да дадат пари и за внатрешноста, бидејќи Универзална сала е капитален објект.

Универзална сала е затворена осум години откако почнаа да паѓаат парчиња од таванот.

(А.П.)