Виси набавката на струја, ниту еден снабдувач не се јавува на тендерите

91

Како што истакнуваат од Општина Карпош, проблемот е во тоа што снабдувачите се плашат дека општините ќе немаат пари да ги платат високите сметки, а во исто време не смее да се прекине снабдувањето со електрична енергија, особено на училиштата и на градинките. – Имаме отворен тендер за снабдување со електрична енергија, никој не сака да се јави. Се плашат дека нема да можеме да ги платиме високите сметки – изјави градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за весникот ВЕЧЕР

 

Дел од скопските општини и jавните претпријатија се соочуваат со сериозни проблеми при снабдувањето со електрична енергија, затоа што ниту еден снабдувач не се јавува на тендерите. Како што истакнуваат од Општина Карпош, проблемот е во тоа што снабдувачите се плашат дека општините ќе немаат пари да ги платат високите сметки, а во исто време не смее да се прекине снабдувањето со електрична енергија, особено на училиштата и на градинките.

– Имаме отворен тендер за снабдување со електрична енергија, никој не сака да се јави. Се плашат дека нема да можеме да ги платиме високите сметки – изјави за весникот ВЕЧЕР градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.  

Тој додава дека ваквата ситуација им предизвикува големи проблеми на општините и на градоначалниците. Јакимовски смета дека решение за овој проблем е Владата да ги префрли училиштата, градинките, јавните претпријатија, локалните самоуправи да се снабдуваат со електрична енергија преку ЕВН хоме.

И од Општина Центар велат дека се соочуваат со големи проблеми во врска со снабдувањето со електрична енергија, но додаваат дека будно ја следат состојбата и изнаоѓаат начини за надминување на проблемите.

– Сметките за електрична енергија се неколкукратно зголемени и општинските основни училишта и детските градинки се соочуваат со проблеми при плаќањето. Со паметно и рационално користење на буџетските средства, Општината ќе се справи со моменталните состојби, а училиштата и градинките ќе продолжат да работат и во текот на целиот нареден период – децидни се Општина Центар.

Општина Ѓорче Петров веќе имала склучено договор за јавна набавка на струја и поради тоа, како што информираат, во моментот немаат таков проблем каков што го имаат останатите општини и други јавни институции. Велат дека со оглед на ситуацијата на пазарот за енергенси за греење и нестабилноста на нивната цена, не е исклучена можноста и тие да се соочат со таква ситуација при објавувањето оглас за набавка на струја за наредната година.

И од Општина Аеродром известуваат дека сите основни училишта на нивна територија имаат направено избор на снабдувач на отворениот пазар.

– Ние, како Општина, сметаме дека е неопходно наставата да се одвива со физичко присуство, за што ја истакнавме нашата заложба и ќе ги преземеме сите неопходни чекори со цел младите да може да посетуваат редовна настава. Од наша страна, постои волја и стоиме на ставот дека не смее да се загрози образовниот процес, дури и доколку тоа значи преземање на целиот финансиски товар – потенцираат од Општина Аеродром.

(А.П.)