Националната галерија веќе четврта година по ред, од неисцрпно богатата колекција, реализира изложба која носи свој препознатлив белег, посветен на Денот на жената, Осми март, а овој пат низ творештвото на основоположникот на современата македонска ликовна уметност Лазар Личеноски.

Годинава е организирана виртуелна изложба поставена во Даутпашиниот амам, но достапна единствено електронски преку социјалните медиуми, односно на профилите на Националната галерија. На оваа камерна виртуелна изложба по повод 8 Март, тематски се прикажани повеќе портрети и актови на овој наш плоден автор.

„Изложбата опфаќа избор од дела, портрети и актови, вклучувајќи студии работени во јаглен, цртежи уште од студентските денови на Личеноски, масла на платна, масла на лесонит, шпер, картон. Делата се со различни димензии, дел од нив се од оставината на легатот на Лазар Личеноски, а дел од постојната колекција на Националната галерија. На оваа изложба се вклучени токму дела кои во иднина ќе бидат дел од поставката на Спомен-куќата на Лазар Личеноски, за која се очекува во 2021 година да ги отвори вратите за посетителите. Виртуелната изложба претставува единствена можност публиката да види некои од уметничките дела на Личеноски кои се ретко прикажувани, некои од нив и за првпат во оваа пригода, и кои одамна не биле присутни ниту публикувани во нашата јавност“, посочуваат од Национална галерија истакнувајќи дела изложбата е во чест жената (девојка, мајка) и на она што секоја од нив значи за светот, за општеството и за семејството, во чест на нејзината единствена улога што ѝ е доверена низ времето за да го направи овој свет поубав.

Со оваа изложба Националната галерија одбележува и уште еден значаен настан, своевиден јубилеј: 120 години од раѓањето на Лазар Личеноски (26 март 1901 – 10 април 1964), без чија личност и дело не може да се замисли современата македонска ликовна уметност. Личеноски, со неговите современици Никола Мартиноски и Димитар Пандилов Аврамовски, се дел од првата група современи македонски уметници.

„Никакви и ничии влијанија не ја насочија мојата љубов кон уметноста воопшто, и кон сликарството посебно. Откако знам за себе, од моја предучилишна возраст, страсно цртав и сликав. Воден од тој уметнички идеал, упорно се движев по напорниот трнлив пат низ макотрпниот живот, работејќи неуморно деноноќно, само да дојдам до саканата цел – уметноста“, биле зборовите на Личеноски кој бил професор во Уметничкото училиште во Скопје, кое денес го носи неговото име.

Неговото сликарство го одразува нашето поднебје, преку колоритот и најпознатите негови пејзажи на афиони, галички бачила, Охрид…