Викендов на Охридско лето: Концерт на Софиски солисти и ансамблот Дорико и претстава од Габор Ѓори

126

За викендов во рамките на Охридско лето предвидена е програма која започнува утревечер, сабота (20 јули) во Црквата „Св. Софија“, во 21 часот, со концерт на камерниот оркестар „Софиски солисти“ заедно со Страшо Темков, на флејта, а под диригенство на Георги Патриков. „Камерниот оркестар ‘Софиски солисти’ е основан во 1962 од страна на група млади музичари, тогашни членови на Софиската опера. Ансамблот остварил многу турнеи во земјите од Европа, САД, Јапонија, Кореја, Кина, Австралија и Јужна Америка. Настапувале во престижни концертни сали и на значајни фестивали. Страшо Темков, пак, дипломира на ФМУ, а магистрира на Музичката академија ‘Панчо Владигеров’ во Софија. Од 1991 како вработен во Македонската филхармонија редовно ги изведува впечатливите сола на светската оркестарска литература“, соопштуваат од Охридско лето.

Истата вечер, од 21 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се изведе претставата „Каде е пиштолот?“ од Габор Ѓори, во режија на Дејана Николовска. „’Каде е пиштолот?’ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка заднина, создаден во 70-тите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на репресорот и потчинетиот низ петте ликови кои го носат дејствието. Зборот ‘пиштол’ не е ништо друго туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите“, се вели во најавата кон претставата во која улогите ги толкуваат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски.

В недела (21 јули), пак, во Црквата „Св. Софија“ со почеток од 21 часот ќе настапи Ансамблот Дорико, во состав Даниела Нуцоли, мецосопран/виолина; Клодиана Бабо, барокна виолина; Франческо Алесандро де Феличе, виолончело; Џованимариа Перучи, чембало и Раул Хернандез, тенор. „Ансамблот ‘Дорико’ е група музичари која настапува на барокни инструменти почитувајќи ги историските практики на интерпретација. Членовите на овој состав свиреле во некои од најзначајните оркестри посветени на стара музика како: „Џардино Армонико“, „Еуропа Галанте“, „Талент Лирик“, „Академија Бизантина“ и се посветени на популаризација на ваков тип музика како и на откривања на дела од овој репертоар“, додаваат од Охридско лето.