“Вечер“ ексклузивно во Букурешт на концертот на Бон Џови: рок-спектакл за памтење !

145

Романците велат дека таков музички настан немаат навистина одамна видено во својот главен град Букурешт. А, истото го вели и специјалниот известувач на весникот “Вечер“ кој присуствуваше на овој отворен концерт (во рамките на европската турнеја на музичарите) под ведро небо на големиот Плоштад пред романскиот Парламент. Многу народ, фановите на Џови, од сите страни на Балканот, се проценува дека имаше над 80 илјади љубители на неговата музика.

Инаку, за оние кои не знаат, Џон Бон Џови е роден како Џон Францис Бонџови Џуниор, во Перт Амбои, американската држава Њу Џерси. Тој е син на поранешен маринец. Имал два брата, Антонио и Метју. Неговиот татко бил роден во Шака, блиску до Агриџенто на италијанскиот остров Сицилија, па подоцна имигрирал за Америка. Џон уште во младоста се одлучува тотално да се посвети на музиката. Така и тргнала неговата кариера исполнета со успеси, хитови, концерти… еден таков концерт е токму и овој пред некој ден одржан во романската метропола. Од самиот почеток на концертот Бон Џови ја водеше публиката од хит во хит… тој навистина се потруди да ги отсвири-отпее пред среќната публика сите свои најпопуларни песни, инаку доста омилени кај публиката во Романија, како на пример:

“You Give Love a Bad Name“, „Born To Be My Baby“, „Its My Life“, „In This Arms“, „Bad of Roses“, „Runaway“, „Keep the Faith… Па, така истоимениот американски бенд со својата главна ѕвезда свиреше дури преку 30-ина песни, а концертот наместо два часа траеше подолго. На скандирањата “Бон, Бон….Џови, Џови…“, од зовриената публика музичката легенда мораше да остане уште малку на сцената за да се задоволат апетитите на толку многу луѓе. Иако не е веќе во цветот на младоста, Џови заедно со групата не се предаде. Имаше енергија и сила за уште неколкучасовна свирка. Без фолирање и оградување на работата, туку со висок професионализам, овој бенд успева да заработува фантастични 2,5 милиони долари.

Дали ви се верува? А, тоа е вистина. Тоа се големите светски музички ѕвезди на кои сè им е дозволено, како зад бината така и на бината кога рипаат, танцуваат, се шегуваат со фановите, па и кога дивеат. Токму и тоа дивеење на Бон Џови, од страната на многу известувачи од настапот во Букурешт беше опишано како невиден рок-спектакл! И, ние не можевме ништо друго освен да се согласиме со колегите од странските медиуми. Навистина со сите сетила уживавме во спектаклот во Букурешт!

Со надеж дека Бон Џови ќе го видиме и во Македонија заедно со неговите неуморни музичари. (Текст и фото: екипата на “Вечер“- забрането е превземање на овие  фотографии од други Портали)