Венецијанската комисија и официјално бара преиспитување на законот за јазици

62

Властите во Македонија да ја преиспитаат употребата на законот за јазиците преку консултации со сите засегнати страни во земјава – стои во мислењето кое вчера го усвои Венецијанската комисија, објави Канал 5.

 

Правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека со предлог-законот се надминува европската рамка, и се создаваат непотребни трошоци за државните институции и судството. Токму во тој дел се однесуваат и најголемиот дел од препораките на комисијата, каде се бара напуштање на двојазичноста во судските процедури.

„Венецијанската комисија дава неколку препораки до властите во С. Македонија, особено во делот за напуштање на одредбите поврзани со двојазичноста во судските процедури. Исто така препорачува, обврската за употреба на албанскиот јазик во внатрешна и меѓу институционална комуникација помеѓу јавните службеници да биде ограничена на писмена комуникација, или нејзиното стапување во сила да биде одложено додека правилното спроведување на таа одредба се чини реална“, велат од Венецијанската комисија.

Комисијата исто така предупредува дека казните кои се предвидени со законот се превисоки и треба да се променат. Дополнително, според нив, потребна е промена на некои одредби од законот кои не се доволно јасни.

„Во поглед на спроведувањето на паричните санкции, правните експерти на Советот на Европа посочуваат дека тие треба да се одложат, се додека не се измени законот со цел да се обезбеди доволна правна јасност, да се намалат износите на казните, како и да се воведе елементот на вина и принципот на пропорционалност“, велат од Венецијанската комисија.

По ваквиот исход, професорката Тања Каракамишева која е дел од комисијата, на социјалната мрежа Фејсбук најави дека идната недела до Уставниот суд ќе поднесе иницијатива за поништување на законот за јазиците. Каракамишева ги повика сите научни капацитети во земјата да и се придружат, вклучително и неколку нејзини колешки од правниот факултет. Една од нив, професорката Гордана Силјановска, која исто така неколку години беше претставник на Македонија во Комсиијата, во гостувањето во емисијата „Само Интервју“ на Канал 5 предупреди дека иако не е задолжително, мислењето на Венецијанската комисија има големо влијание кое мора да се почитува.

Целосниот извештај на венецијанската комисија за употребата на законот за јазиците предвидено е да биде објавен во понеделник, за кога и подетално ќе бидат познати забелешките на комисијата поврзани со законот за употреба на јазиците.

извор: Канал 5