Васил Хаџиманов Бенд од Белград, завчеравечер во Домот на АРМ во Скопје, уште еднаш ја претстави својата уникатност и музичкото мајсторство. Она што го привлече вниманието на вистинските љубители на џезот и уникатната музика, е токму неповторливиот аранжман проткаен со традиционалниот фолклорен колорит не само од Балканот туку и пошироко

Во Домот на АРМ во Скопје, љубителите на уникатниот пристап на џез-музиката завчеравечер имаа можност да уживаат во звуците создадени од Васил Хаџиманов Бендот. Во час и половина музичка програма пред скопската и македонска публика, врвните музичари од овој белградски бенд, го претставија својот најнов албум насловен “Lines in Sand“ (Линии во песок) објавен годинава од њујоршката издавачка куќа „MoonJune“. Токму за овој албум бендот доби одлични критики низ целиот свет.

Петте музичари, Бојан Ивковиќ, перкусионист и вокал, Бранко Тријиќ, гитарист, Мирослав Товирац, бас-гитара, Предраг Милутиновиќ, тапани и фронтменот на бендот, познатиот џез-музичар, композитор, клавијатурист и аранжер, Васил Хаџиманов, на сцената го покажаа својот талент и мајсторство.

„Ова е наш прв солистички концерт во Скопје за 22 години работа, за жал или за среќа, но битно е да се случува па дури и во студена сала“, изјави на почетокот на концертот Васил Хаџиманов. Познатиот џез-музичар, кој музиката ја учеше на престижниот колеџ „Беркли“ (син на познатите Зафир Хаџиманов и Сенка Велетанлиќ), истовремено и се заблагодари на многубројната публиката за присуството.

Студената сала на Домот на АРМ, сепак, не ги попречи овие џез-уметници и професионалци во својата работа, да дадат сè од себе на сцената. Присутните пак, беа загреани токму од автентичните ритмови на нивната музика.

Она што го привлече вниманието на вистинските љубители на џезот и уникатната музика, е токму неповторливиот аранжман проткаен со традиционалниот фолклорен колорит не само од Балканот, туку и пошироко.

Дека реакциите на нивната изведба беа и повеќе од позитивни зборува и бурниот аплауз кој бендот ги доби од своите македонски симпатизери.

„Мојата музика го најде својот пат до оние кои се љубопитни, со отворен ум, подготвени за нешто различно и ново, нешто неочекувано. Тоа е публика која се мери во стотици на нашите концерти, но е сосема доволна и инспиративна за мене за да ѝ се радувам кога имам нешто ново да ѝ покажам“, изјави Васил Хаџиманов во интервјуто за „Вечер“ во пресрет на концертот .

Токму таа публика по завршувањето на концертот побара и бис, кој беше дочекан со воодушевување. (Д.Т.) Фото: Ѕ.Плавевски

Недопустливо студена сала за концерт

И покрај извонредниот концерт на врвните музичари на „Васил Хаџиманов Бендот“, она што остави сенка на целата атмосфера е немањето греење, па публиката дојдена да ужива во долгоочекуваниот концерт, буквално беше стуткана во седиштата и завиткана во шалови. За среќа, концертот го следеа токму оние кои ја познаваат врвната музичка изведба, па пропустот на организаторот беше само констатиран, а присутните останаа до самиот крај за да ги наградат со аплауз изведувачите на сцената.