Ракометниот клупски шампион на Европа, екипата на Вардар, е седми фаворит за освојување на титулата во Лигата на шампиони за претстојнава сезона според рејтинг листата која ја објави Европската ракометна федерација.

Според образложението, местото за фаворит број 1 вообичаено му припаѓаше на бранителот на титулата, но за жал Вардар во текот на летото остана без бројни ракометни ѕвезди како Игор Карачиќ, Рожерио Мораеш, Дејан Милосављев.

Меѓутоа, вардаровите ракометари никогаш не треба да се отпишат од европската клупска титула ниту сезонава, бидејќи минатата сезона никој не веруваше дека овој тим ќе успее да се најде на Ф4 турнирот, а не пак да дојде до круната.

Инаку, минатата година ЕХФ не ги смести „црвено – црните“ ниту во десете фаворити кога е во прашање титулата, но очигледно овој пат се поправија, па го сместија македонскиот првак во најдобрата десетка.

На прво место на оваа листа според ЕХФ е унгарскиот шампион Веспрем, кој, како што се наведува, во текот на летото направи неколку трансфери со кои има импресивен тим за да се искачи на кровот на Европа.

На второто место е шпанскиот гигант Барселона, додека трет е француски ПСЖ. На четвртото место се најде германски Кил, потоа следува Киелце, додека шести е Пик Сегед. Осми на оваа листа е Флензбург, на деветото место е Монпелје, додека меѓу десетте фаворити се најде и Мешков Брест.

Одбраната на титулата во Европа за македонскиот шампион Вардар стартува следната сабота со натпреварот против француски Монпелје.